Специјалистите земаат одвај половина од ветените 100.000 денари

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На скопските клиники каде платите се највисоки основната нето плата на лекарот е 55.370 денари. Платите пак на сестрите се движат од 22.701 денари до 27.857 денари во зависност од тоа дали се со средно или со високо образование.

Основната плата на лекарите специјалисти на клиниките е многу пониска од онаа која ја објавува министерот за здравство Венко Филипче, реагираат лекарите. Некои од лекарите на скопските клиники, кои се највисоки здравствени установи во земјава, може и да стигнуваат до плата од 165.000 денари, но тоа е во бруто износ и со додатоците за дежурства, работа во други здравствени установи и слично.

– Да кажуваш дека лекарите специјалисти во земјава земаат плата од 85.000 денари до 165.000 денари, не е ништо друго туку обична ноторна невистина, a со цел да се манипулира јавноста дека е остварено ветувањето од 100 илјади денари основна плата – коментира д-р Игор Николов.

Како што дознава Слободен печат, на скопските клиники каде платите се највисоки, основната нето плата на лекарот е 55.370 денари. Платите, пак, на сестрите се движат од 22.701 денари до 27.857 денари во зависност од тоа дали се со средно или со високо образование. Последно зголемување на платите беше во февруари годинава кога тие на специјалистите пораснаа за 25 отсто.

– Овие бројки покажуваат дека и покрај покачувањето реално не сме стигнале со плата од 100.000 денари за специјалистите, ниту до двојно зголемување на платите на медицинските сестри како што се прикажува – велат вработени во Клиничкиот центар.

Тие посочуваат дека некои од колегите кои можат и сакаат да работат повеќе дежурства почесто или, пак, во деновите кога не се во матичната здравствена установа одат и работат во другите болници во градовите низ државата и така заработуваат повеќе од основната плата, но и работат повеќе.

– Ние зборуваме за основна плата, тоа е тоа што беше ветувано. Инаку, до плата од 165.000 денари можеби некој стигнал, но тоа значи дека цел месец воопшто не одморал, односно воопшто не се прибрал дома – велат лекарски извори.

Од Здружението на лекари специјализанти велат дека со ветувањето за зголемување за 10 отсто за платите на специјалистите дури и на највисокото, терциерно ниво, секоја година што беше дадено за време на изборите, до 2024 година нема да ги достигнат претходно ветените 100.000 ден нето плата.

– Моменталната основна нето плата на специјалист од 55-60.000 денари со 40 отсто покачување ќе достигне 80-85.000 денари за четири години од сега – велат од Здружението.

Филипче: Практично ги удвоивме платите за две ипол години

Министерот за здравство Венко Филипче, сепак, тврди дека зголемувањето на платите е една од најголемите придобивки.

– Оваа значајна сума, што ја инвестиравме во платите на лекарите, медицинските сестри, за две ипол години изнесува околу 2 милијарди денари во платите и во дежурствата. Ова е нешто што дури и ни помогна полесно да се справиме со кризата. Не ги зголемивме само основните плати на лекарите специјалисти за 40 отсто, медицинските сестри до 23 отсто, помошно-техничкиот персонал, туку и надоместокот за дежурства. Сега има разлика од практично 100 отсто во плата на лекар специјалист, споредено со периодот од пред две и пол години. Платите кои беа 60 до 70 илјади денари заедно со дежурства, сега се меѓу 85 и 165 илјади денари. Дежурствата коишто порано беа 1.200, односно 3.000 илјади денари, сега се меѓу 3.500 и 10.000 денари, потенцираше министерот Филипче.

За нашите лекари Косово станува „ветена земја“?

Поради одливот на лекари, сите земји се обидуваат преку зголемување на платите да ги задржат лекарите во матични земји. Во регионот најголем исчекор направи Косово, каде платите на лекарите, според последните информации, изнесуваат повеќе од 1.2000 евра.

Споредено, пак, со земјите во регионот платата на специјалистите во Албанија изнесува 556, Србија 670 евра,  Босна и Херцеговина 718 евра. Најдобра е состојбата во Косово каде основните  платите на специјалистите се 1.200 евра. Од нашите синдикати на лекари велат и дека има доктори кои од кај нас мигрираат во  Косово толку поради повисоките плати. Во Хрватска платите на специјалистите се околу 1.600 евра, Во Германија пак, каде најчесто мигрираат нашите млади лекари, искусните специјалисти заработуваат и по 9.000 евра месечно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот