Естонија, Литванија и Летонија бараат специјален суд за руските злосторства во Украина

Балтичките земји побараа денеска, на вториот ден од самитот на Европската унија (ЕУ) во Брисел, формирање специјален суд кој ќе суди за злосторствата извршени од Русија во Украина.

„Апсолутно треба да разговараме за правниот одговор на извршените злосторства и за формирање специјален суд кој ќе ги процесуира”, изјави естонската премиерка Каја Калас.

Според неа, воените злосторства спаѓаат во надлежност на Меѓународниот кривичен суд, но за злосторствата за агресија (против Украина) треба да суди само специјален трибунал.

Летонскиот премиер Крисјанис Каринс, исто така, ја повика Европа да се обедини и да ја „поддржи Украина, не само да ја осуди Русија, туку да почне да работи на формирање суд кој ќе бара одговорност од Русија за злосторствата што во моментов ги прави во Украина”.

Естонија и Латвија, заедно со Литванија, неодамна ја повикаа ЕУ да и помогне на Украина да воспостави таква јурисдикција, која би била „комплементарна” на Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ, исто така повика на создавање специјален трибунал откако беа откриени стотици тела закопани во близина на Изјум, град во источна Украина кој беше во рацете на Русија.

Земјите од ЕУ немаат заеднички став за создавање ваков специјален трибунал, што во неколку наврати го побара украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс минатата недела изјави дека е неопходно „прво максимално да се искористат сите постоечки алатки”, а тоа се услугите на украинскиот јавен обвинител, истрагите што ги спроведуваат 14 земји-членки и истрагите на МКС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот