Спасовски за резултатот на СДСМ на изборите: Тоа е дно, би сакал тука да застанеме
„Резултатот од локалните избори е лош. Мислам дека резултатот од 126 илјади претставува дно и јас би сакал да е тоа дното на кое сите ние ќе застанеме“ – ова е коментарот на пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во однос на резултатот што неговата партија го оствари на локалните избори.
Препорачано
Спасовски во интервју на „Алсат“ рече дека како одговорен човек тоа го загрижува, но и го мотивира за понатаму. СДСМ, вели тој, претставува „една вистинска идеја што има длабоки корени и традиција во македонското општество и секако дека таа идеја мора да опстои“.
„Резултатот покажа една друга димензија во која генерално граѓаните на Македонија покажаа негативен став кон партиите и тоа треба сериозно да се разгледа“, рече Спасовски.
Околу тоа што СДСМ изгуби многу од општините во кои досега беше власт, вклучувајќи ја и Струмица, Спасовски рече дека е лошо да се коментира која партија колку изгубила.
„Факт е дека ние изгубивме 20 и повеќе илјади гласа од претходните парламентарни избори. Факт е дека бројот на градоначалници е сведен на шест. Факт е и тоа дека 60 проценти од граѓаните во Македонија одлучија да не излезат воопшто да гласаат. Тоа покажува разочарување од политичките партии“, рече тој.
Ако сакаме да имаме силно демократско општество, тоа мора да биде детерминирано пред сè од една силна опозиција, смета тој.
„Која е сега состојбата во Македонија? Ние имаме силно опозиционо расположение кај граѓаните според бројките на оние што излегле на избори, туку и според големиот број неважечки ливчиња. Ова покажува дека има опозиционо расположение. Но, дали имаме силна опозиција – немаме. Факт е дека и опозицијата доби намалување на бројот на гласови“, рече Спасовски.
Тој вели дека не треба да се бара оправдување, туку „да се соочиме со реалноста и да кажеме дека овде реалнo состојбата е ваква каква што е и од тука натаму мора да се бараат начини“.


