Спасовски: Институциите да бидат поажурни при издавање уверение за промена на имињата на улиците

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи/Фото: МВР

Интересот на граѓаните е најважен, а не политичкиот интерес при промената на имињата на улиците вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој одговараше на новинарско прашање за проблемите со кои се соочуваат граѓаните во Скопје при издавање на лични документи.

-Не настанува проблем при промената сегашна, бидејќи не е правена промената сега, туку е направена пред неколку години. Јас и минатиот пат кога разговараме и апелирав на градоначалниците и на Советот на општината дека интересот на граѓаните е најважен, а не политичкиот интерес, барем за мене како човек и како политичар е многу поважно што ќе направиме заедно за граѓаните, отколку да артикулираме некаков политички интерес и сега дали улицата ќе се вика „Аминта трети“ или не знам како, на крајот тоа носи штета кај граѓаните, отколку корист, вели Спасовски. Посочи дека штетата е во тоа што граѓаните се наведуваат во краток временски период да ги сменат личните документи.

-Во конкретниот случај што е, имаме една улица којашто била со едно име, а сега назив на три имиња и никој во системот не може да знае кој дел од улицата како се вика. Тоа се 180 улици во Скопје и заедно со ДИК се констатираше таа состојба, којашто ја имаше. Затоа што претставува и проблем во изборниот систем. Единствен начин е да се издаваат уверенија од страна на градот Скопје за да се знае граѓанинот каде точно и на кој дел од улицата припаѓа и така да бидат заведени, вели Спасовски.

Министерот за внатрешни работи забележа дека проблемот е сега што граѓаните чекаат десет дена да го добијат уверението и кога ќе дојдат на закажаниот термин за фотографирање за лични документи се појавува проблемот.

-Сакам да нагласам дека граѓанинот не го губи терминот, во тој момент тој не може да се слика, бидејќи го немаме како податок, меѓутоа веднаш по добивањето на уверението оди и ја завршува работата. Така да апелирам институциите да бидат малку повеќе ажурни, заради тоа што сепак ние сме тука за граѓаните, рече Спасовски.

Прашан за предупредувањата на дел од банките дека на нивни клиенти се јавуваат непознати лица и им ги бараат личните податоци, Спасовски вели дека колку има пријави и колку се дополнително ќе информираат од секторот за односи за јавност при МВР.

-Доколку имало апелирам до граѓаните на коишто им се случуваат вакви активности да пријават за да може да се истражи, но и да се стопира ваквкиот тренд којшто го има, додаде Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот