Спасена птица од загрозен вид во Малешевијата – Слободен печат
ВестиМакедонија

Спасена птица од загрозен вид во Малешевијата

Со поддршка на Македонското еколошко друштво, започнала акција за превземање на птицата од страна на Ветеринарен факултет од Скопје каде во моментот се наоѓа белоглавиот мршојадец.

Белоглав мршојадец кој е птица од загрозен вид во Малешевијата е спасен од повреда од страна на хумани граѓани. Птицата откако била пријавена, како што информираат од здружението „Проанима”, ја примил ветеринарен инспектор од Берово, кој констатирал повреда во делот на крилјата.

-Птицата не можела да лета, поради удари од камења. Била сместена во сигурна просторија на Шумското претпријатие во обезбеден кафез со храна и вода. Поради тоа што немавме искуства со птици, откако бевме известени за случајот, решивме да побараме помош од Македонското еколошко друштво – информираат од „Проанима”.

Со поддршка на Македонското еколошко друштво, започнала акција за превземање на птицата од страна на Ветеринарен факултет од Скопје каде во моментот се наоѓа белоглавиот мршојадец.

-Во акцијата за обезбедување транспортно возило, ни помогнаа од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди”. Белоглавиот мршојадец, потоа беше превземен од Македонското еколошко друштво и однесен директно на Ветеринарен Факултет во Скопје, каде е извршен преглед и првичните резултати се добри. По добивање на резултати од рентген и крв, ќе се знае колку време би траела терапијата, за да биде целосно излечен и вратен во природа – велат од здружението „Проанима” од Берово.

Белоглавиот мршојадец е вистинска реткост во Малешевијата. Според податоците на Македонското еколошко друштво, овој вид на птичја фауна, најмногу е застапен во околината на Демир Капија, клисурата на Црна Река во близина на Тиквешко Езеро, Мариово, на планината Осогово и кај езерото Матка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close