Состојбата во обвинителството е неодржлива, еден вработен работи четири, пет позиции, предупреди Коцевски во Собрание
Препорачано
Доведени сме во крајно тешка состојба, многупати сум кажал дека работиме со една третина од потребниот број на вработени, а од почетокот на 2024 година, за помалку од две години заминаа 40 вработени, а не е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на испразнетите места. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски во обраќањето пред Комисијата за финансирање и буџет кажа дека состојбата во Обвинителството е неодржлива, а поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител.
–Станува невозможно да се споредиме дури и со земјите во најблиското опкружување. Сите обвинителства во регионот се дигитализирани, опремени и со фукционални системи за управување со предметите. Иако баравме, во предлог-буџетот за 2026 повторно не се предвидени средства за државно кофинансирање на новиот систем за управување со предметите, кој во најголем дел требаше да е покриен со средства од ИПА. За опрема за сите јавни обвинителства во земјава, државава вкупно планира помалку од 30 илјади евра – рече Коцевски.
За резултатите во работата, како успех на Обвинителството ја наведе брзо завршената истрага за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ која била завршена за 2,5 месеци и ги обезбеди сите докази, а ги наброи и предметите „Онкологија“ и „Адитв“.
-Овој предмет е вистинска потврда зошто е толку важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на обвинителството, но и на правосудството во целина. Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда. Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела кои предизвикаа и огромни последици на нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се извештачат можеби 300 или повеќе примероци. Ако треба да зборуваме за учинок, на годишно ниво, минатата година обвинителствата решија околу 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка. Ваквите резултати, во услови кога немаме доволна материјална и кадровска поддршка од државата, се можни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства. Со оглед на недостатокот на кадар, секој вработен во јавното обвинителство во моментов извршува работни задачи за најмалку 4 до 5 предвидени работни позиции – порача Коцевски.
Коцевски ги спомена сериозните реформски зафати кои мора да се реализираат во 2026 година.
-Тие не предвидуваат само законски измени туку и јакнење на капацитетите и опремата во истражните центри, опремување и функционалност на канцеларијата за поврат на имот, поскапи финансиски истраги кои ќе резултираат со конфискација, ангажирање на дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат – рече Коцевски.


