Сопствениците на домашни миленици револтирани по забраната за поење кучиња на јавните чешми во градот
Деновиве граѓаните се револтирани на социјалните мрежи по Одлуката за комунален ред на Град Скопје според која е строго забрането користење на јавни чешми и фонтани од домашните миленици и дека сопствениците на домашни миленици може да бидат казнети доколку дозволат нивните кучиња да се напијат вода.
Многумина коментираат дека во градот не само што нема доволно чешми каде што милениците може да се освежат во топлите скопски летни денови, туку нема доволно ни за луѓето.
– Кучињата им се секогаш најголемиот проблем. Чешми нема ни за лек по улица. Всушност кучињата пијат вода од непостоечки чешми. Освен во дог паркот во Градскиот парк, друга чешма немам видено а и таа е жали боже, работи систем капка по капка, напиша една корисничка на социјалните мрежи.
Други коментираат дека одлуката е нелогична затоа што забраната нема да ги спречи уличните кучиња да пијат вода од фонтаните и чешмите.
А како ќе им го кажст на кучињата без сопствениции а ги има еден куп !!!@ https://t.co/3xRQ2RvyMj
— KINGMARKOLAND (@Gordana123) May 26, 2021
Не недостасуваат и коментари со остри реакции против сопствениците на миленици.
Твитови како „Зарем дома јадете од истите чинии со вашите кучиња“ се редат во изобилство.
Од Град Скопје ветуваат дека во иднина ќе има многу повеќе чешми за миленици отколку досега.
– Град Скопје работи на подобрување на условите за домашните миленици, преку изградба на инфраструктура наменета за нив. За таа цел, изминативе неколку години, изградени се поголем број на паркови за миленици на површини кои се во надлежност на Град Скопје. Досега, Град Скопје има поставено вакви чешми во дел од парковите за миленици, а поставена е и адаптирана чешма за миленици во првиот дел на Градскиот парк, до Школка. Чешмички за домашните миленичиња се планира во иднина да се поставуваат во сите наменски паркови за рекреирање на домашните животни. Паралелно со Град Скопје, изградени се и поголем број на вакви паркови од страна на повеќе скопски општини, изјавија надлежните за Слободен печат.