Сомнителен српски бизнисмен, со фирма што должи 80 евра, сака да го купи рускиот удел во НИС – Вучиќ го одби
Ранко Мимовиќ има историја на пропаднати зделки и на криминални досиеја. Во 2010 година, тој бомбастично и лажно најави преземање на хрватската „Подравка“, додека неговата фирма всушност била блокирана поради долгови. Неколку години подоцна, во Словенија, тој ја доведе до стечај компанијата ЦПЛ и пред судот призна вина за измама тешка 2,2 милиони евра, за што доби затворска казна.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го отфрли тврдењето на контроверзниот бизнисмен Ранко Мимовиќ, пренесено преку „Ројтерс“, дека на 21 април доставил понуда до неговиот кабинет за преземање на рускиот капитал во НИС.
Препорачано
Кабинетот на Вучиќ тогаш не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар, но српскиот претседател денеска изјави дека добива по 1.500 пораки дневно и дека тоа не го сфаќа сериозно.
– Тоа е таква игра која нема да помине кај нас. Тоа што вие (медиумите) наседнавте на неа, па помисливте дека зад тоа стои некој од власта, тоа говори за вас, бидејќи секој се движи во границите на сопствената расипаност. Слушајте, нашол некој две милијарди, па српска фирма. Сериозни сте? Никогаш во животот не се занимавал со тоа, па сега тој ќе го купува тоа, па веројатно се прашува и Србија. Е, не можеш да купиш. Не дава Србија! Или ќе дојде некој што знае како се управува со тоа и како се водат такви претпријатија и ќе управува на сериозен и одговорен начин, или довидување на сите. Нема филозофија – рече Вучиќ.
.Денеска претседателот изјави и дека „постојат чудни барања поврзани со НИС“.
– Понатаму од тоа нема да одам бидејќи ние сакаме бона фидес, со добра волја да ги завршиме тие разговори и се надевам дека тоа ќе биде завршено во текот на следната недела – рече Вучиќ.
Тој потсети дека рокот што американскиот ОФАК му го даде на унгарскиот МОЛ за завршување на разговорите за купување на рускиот капитал во НИС истекува на 22 мај.
– Значи, се надевам, а и во тек се разговори, дека ќе бидете известени штом ова ќе заврши како поминало. Има некои четири или пет спорни точки, но ние сме подготвени за компромис, а верувам дека и унгарската страна е подготвена за компромис, како и руската – вели Вучиќ.
Лавров: Продажбата на НИС на унгарската МОЛ е во интерес на Русија
Кој стои зад Мимовиќ?
Претседателот додаде и дека „којзнае кој стои зад тоа (понудата на Мимовиќ)“.
– Би можел да погодувам кој стои зад тоа, но зошто би го правел тоа, зошто би ги расипувал односите со некои држави. А би можел да нагаѓам кој стои зад тоа. Или ќе дојде некој што знае да се занимава со таа работа, или тоа ќе го правиме ние на сериозен начин, или Американците ќе им ги укинат санкциите на Русите, па Русите ќе продолжат. А тоа да дојде некој, ѝ понудил на Србија 2 милијарди. Би дала Србија 2 милијарди и 200 (милиони евра). Но, бевме фер кон руската страна – рече Вучиќ.
Тој оцени и дека „сето ова предолго трае“.
– Ние година и пол ги имаме овие санкции. Година и пол секоја недела нешто разговарам, секоја недела некому му одговарам, за да ги зачувам односите со едните, за да ги зачувам односите со другите, и секој мисли дека може да ме удира по глава и да ја гази Србија како што сака. Еве, супер, имате прилика, завршете го тоа до 22 мај. Не можете? До гледање, има кој ќе го направи. А тоа нема да биде некој од тој (на Мимовиќ) тип – рече Вучиќ.
Фирмата на Мимовиќ должи 80 евра
Ранко Мимовиќ, кој преку својата компанија „Сенатор ту“ наводно понудил две милијарди евра за рускиот удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС), е контроверзен бизнисмен со сомнително минато. Уредникот на „Радар“, Милан Ќулибрк, ја доведе во прашање сериозноста на понудата, истакнувајќи дека е невозможно некој да поседува толкав капитал, а јавноста да не знае речиси ништо за него.
Мимовиќ има историја на пропаднати зделки и на криминални досиеја. Во 2010 година, тој бомбастично и лажно најави преземање на хрватската „Подравка“, додека неговата фирма всушност била блокирана поради долгови. Неколку години подоцна, во Словенија, тој ја доведе до стечај компанијата ЦПЛ и пред судот призна вина за измама тешка 2,2 милиони евра, за што доби затворска казна.
Во 2017 година дури беше првостепено осуден на 12 години затвор за перење пари, иако процесот подоцна беше вратен на почеток.
Апсурдноста на неговата понуда за НИС се потврдува и преку финансиската состојба на неговите тековни фирми. Компанијата „Сенатор ту“, регистрирана дури минатиот август, во изминатиот период повеќепати била блокирана.
Во моментов, истата фирма која наводно нуди милијарди за нафтен гигант, се наоѓа во регистарот на должници на Народната банка на Србија поради неплатен долг од само 80 евра.


