Софија тврди дека при градба на пат се прекопани бугарски гробишта

Споменик на место на некогашни бугарски гробишта во с.Дреново / Фото: Принтскрин/БНТ

Македонскиот државен врв деновиве ги подгрева очекувањата дека во декември може да биде тргнато бугарското вето за нашите преговори за членство во ЕУ, но Софија од друга страна повторно „ги лади“ односите меѓу двете земји, овој пат обвинувајќи ја Македонија дека уништила бугарски воени гробишта при изградба на магистрала, како резултат на „конзистентната политика на дебугаризација во минатото на територијата на денешна Република Северна Македонија“. Едно засега недокажано тврдење на фондацијата „Македонија“ на македонските Бугари, дека се разнесени коски на околу 400 бугарски војници, предизвика жестока реакција од бугарскиот претседател Румен Радев, потпретседателката Илијана Јотова и бугарското МНР, а европратеникот Ангел Џамбаски дури и напиша писмо со жалби и поплаки на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Од Министерството за транспорт и врски вчера за „Слободен печат“ изјавија дека патот кај  Дреново за кој обвинува Софија, го градело јавното претпријатие за државни патишта и дека  веднаш е извршен надзор на терен, а за детали од надзорот јавноста ќе биде информирана.

Дел од медиумите во Бугарија, пак, се сомневаат во обвинувањата за прекопани гробишта, а сајтот Медијапул.бг објави текст со наслов „Дали навистина се осквернавени бугарски воени гробишта во Македонија“, во кој  пренесе дека репортер на бугарската национална телевизија БНТ бил во Дреново, каде што мештаните сведочеле дека на локацијата со децении има два споменика, но не и гробишта.

ВИДЕО: Бугарски новинар не ги најде „осквернавените воени гробишта“ кај Кавадарци

Во Устав запишани и свечено прогласени Бугари во Македонија

Коментирајќи ја темата за наводно уништените воени гробишта, Радев завчера повика да се почитуваат правата на Бугарите во Македонија и нагласи дека случајот го истражуваат бугарското МНР и Министерството за одбрана. Тој рече дека тоа е систематски процес на дебугаризација, процес на заживување на уништувањето на бугарското културно-историско наследство во Република Северна Македонија.

– Не случајно го поставив токму ова прашање на Советот во Љубљана. Ова е предворјето на вратата за интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ- правата на Бугарите, недискриминација, како и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, општествениот и политичкиот живот на оваа земја. Исклучително е важна нашата поддршка за нивните барања да бидат признаени во Уставот на Република Северна Македонија и да бидат свечено прогласени од претседателот, Владата и Собранието на Република Северна Македонија – додаде Радев.

Тој рече дека Бугарија категорично ќе реагира и повеќе нема да остави ниту еден таков случај и повтори дека вистинскиот проблем всушност е дебугаризацијата и дискриминацијата на луѓето со бугарски идентитет во Македонија.

Според потпретседателката Јотова, прашањето за членство на Македонија во ЕУ не е само бугарско и само балканско, туку е и паневропско, бидејќи се работи за политичко проширување на Унијата, а таа тема долго време била на европската маса и, за жал, не го нашла својот консензус. Според неа „сквернавењето на гробовите на бугарските војници во Република Северна Македонија е многу долга сага“. Таа потсети дека во 2010 година бугарска делегација го поставила ова прашање во Европскиот парламент и дека во Македонија имало и мисија во врска со тоа со европратеници од други членки на ЕУ.

– За толку години судбината на воените споменици во Северна Македонија воопшто не се промени, со еден мал исклучок, со споменикот на полковникот Каварналиев. Бугарија има право на ваквата цврста позиција, која ја зазеде неодамна – рече Јотова за бугарските медиуми.

„Изринати коски на 400 војници“

Бугарското МНР вчера соопшти дека Бугарија придава големо значење на прашањето за зачувување на бугарското културно-историско наследство и на бугарските воени гробишта во Република Северна Македонија и со години води политика за пребарување и обнова на бугарските воени гробишта и споменици во земјата.

„Во најголем дел тие се во многу тешка ситуација, како резултат на конзистентната политика на дебугаризација во минатото на територијата на денешна Република Северна Македонија. Постојано се обраќаме за помош до властите во Скопје кои знаат дека ова е едно од болните прашања за Бугарија“, се вели во соопштението од МНР на Бугарија.

Оттаму додаваат дека и во собраниската декларација од октомври 2019 година ја повикале Македонија да помогне во  потрагата, реставрацијата и заштитата на бугарските воени гробишта.

„Затоа информацијата за уништување на две бугарски воени гробишта испратена од Фондацијата Македонија, ја сметаме за многу сериозна и МНР активно работи на разјаснување на фактите и преземање соодветни мерки“, се додава во соопштението.

Бугарскиот весник „Труд“ објави дека коските на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна, биле „изринати“ од две поголеми парцели на гробишта поради изградба на пат кај селото Дреново, во близина на Кавадарци. Двете локации на бугарските воени гробишта во реонот на Дреново биле оддалечени една од друга еден километар, а според весникот потпаднале под теренот за патот.

„Во секоја од нив се закопани по речиси 200 бугарски војници и офицери. Таму има спомен-обележја и две камени пирамиди за вечно сеќавање од бугарската држава, подигнати во 1916 година. Погребаните се загинати Бугари во периодот 1913-1915 година и се припадници на 8-та пешадиска Тунџанска дивизија со центар во Стара Загора и Хасково“, пишува „Труд“.

Весникот го пренесува ставот на претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, според кого македонските власти не го известиле Министерството за одбрана во Софија за нивната намера да ги уништат коските на загинатите Бугари. Исто така, тие не ја известиле и Бугарската православна црква за да се направи опело и коските да бидат преместени на друго место со православен ритуал. Од име на Фондацијата „Македонија“, Стојанов подготвувал протестно писмо до властите во РСМ, бугарската амбасада во Скопје и Обединетите нации.

Весникот пренесува и дека европратеникот Џамбаски веднаш ја предупредил ЕК и претседателката Урсула фон дер Лајен за сквернавење на бугарските гробови. Џамбаски побарал од ЕК да одговори кога ќе преземе конкретни дејства за зачувување на културно историско наследство на Бугарија во Македонија и дали ЕК во извештајот за РСМ ќе ги вклучи случаите на бришење на бугарското наследство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот