Софија бара ЕУ прво да нѐ избрише, па да преговара со нас за членство!?

Источниот сосед инсистира Договорот за добрососедство да биде дел од Преговарачка рамка за зачленување во ЕУ, Македонија да го спроведува во добра волја, а само земјите потписнички да проценуваат дали договорените обврски се ефикасно исполнети.

Бугарија бара поддршка од ЕУ за својата официјална државна позиција дека не постои македонски јазик, кој е само пишана норма на бугарскиот и дека Македонците се вештачка творба на Јосип Броз Тито, односно на некој начин прелажани Бугари.

Радио Слободна Европа вчера објави делови од „Објаснувачки меморандум за односите меѓу Р. Бугарија и РС Македонија во контекст на проширување на ЕУ“ што Софија го доставила до земјите членки на ЕУ. Во него Бугарија инсистира Договорот за добрососедство да биде дел од Преговарачка рамка за зачленување во ЕУ, Македонија да го спроведува во добра волја, а само земјите потписнички да проценуваат дали договорените обврски се ефикасно исполнети. Источниот сосед инсистира Македонија да престане да поттикнува дека таму има свое национално малцинство и да не врши повеќе притисок на таа тема врз Бугарија преку „инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење“. Според меморандумот, ова ќе биде предуслов Бугарија да даде согласност за каков било натамошен чекор на интеграцијата на Македонија кон ЕУ.

Македонскиот јазик за нив само форма на бугарскиот

Деновиве во ЕУ поактивно се разговара за преговарачката рамка што треба да биде усвоена до 6 октомври, а Македонија очекува до крајот на оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција, со која ќе почнат пристапните преговори за членство. Бугарија го користи овој период додека се усвојува рамката за да ги наметне своите услови и досега бугарските политичари неколкупати отворено се заканија дека ќе ја блокираат Македонија ако не ги прифати нивните позиции. Според дипломатски извори на РСЕ, бугарската страна на земјите членки им ја пренела позицијата дека „Бугарија не може да дозволи влезот на Северна Македонија во ЕУ да биде користен како платформа за македонизам базиран на антибугарска идеологија“.

Од друга страна, Германија притиска преговорите да почнат, а неодамна германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, рече дека има тешкотии со една земја членка, но и таа е врзана за зборот „да“ од март годинава.

– И не само тоа. Целиот процес на придвижување кон ЕУ на целиот регион е во интерес и на таа земја членка, која отсекогаш била голем поддржувач на тој процес – рече Холштајн за СДК.

Бугарија во меморандумот им објаснува на Европејците дека нивниот Устав предвидува малцинства, но само ако постојат реални разлики што докажуваат различна етничка, религиска и јазична припадност од онаа на мнозинството. Бугарија пишува дека формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и за создавање нов јужносрпски идентитет што бил неуспешен, па потоа комунистичкиот лидер Тито форсирал друг нов идентитет, македонски. Според Бугарија, македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 2 август 1944 година, а нивното создавање е дел од изградбата на одделен небугарски идентитет, чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната СР Македонија и Бугарија.

Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во поранешна Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена, сведочат дека официјалниот јазик што се користи во Северна Македонија денес, може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, пишува во меморандумот.

Исто така, Бугарија ја информира ЕУ дека имаат докази дека од помеѓу 1944 и 1946 година во Македонија биле егзекутирани повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита, односно дека повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.

Ѓоргиев: Блокадата од Бугарија би значела крај на односите

Деновиве бугарската страна остро притиска Македонија да ја прифати нивната позиција дека Гоце Делчев бил Бугарин. На оваа точка претходно сериозно запнаа разговорите на Комисијата за историски и образовни прашања, беа прекинати поради изборите. Копретседавачот од македонска страна Драги Ѓоргиев најави дека следната средба ќе се одржи следниот месец, Според него, паралелно треба да егзистираат и македонското и бугарското гледиште за идентитетот на Гоце Делчев.

– Секогаш ќе има дебати за идентитетот на Делчев и во Македонија и во Бугарија, со оглед на неговото место во пантеонот на националните херои. Ако постои добра волја, може да се постигне резултат. Еден начин е „мултиперспективност“. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да опстојуваат паралелно. И ова нема да биде пречка тој да се слави на обете страни – рече Ѓоргиев за бугарски медиуми.

Прашан дали македонските историчари во Комисијата се подготвени да ризикуваат земјата да не добие датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, Ѓоргиев одговорил дека тоа е политичко прашање:

– Не можам да ја коментирам позицијата на Бугарија. Но, таквата политика би била погрешна, таа нема перспектива. Ваквата бугарска позиција ќе зададе последен удар врз билатералните односи. Недовербата на Македонија кон Бугарија ќе биде на највисоко ниво – предупредил тој.

ВМРО-ДПМНЕ не го дава Делчев, а ќе го зема „Солунско Поле“

ВМРО-ДПМНЕ завчеравечер организираше протестен марш за одбрана на Гоце Делчев, од каде што испратија порака дека Делчев е идентитетот и таа црвена линија нема да се помине. На протестот како иконографија се користеа претходното државно знаме и карти со голема Македонија и се пееја навивачките песни „Излези Гоце на тераса“, што според аналитичарите е неодговорно во овој момент затоа што Грција и натаму може да нѐ блокира на патот кон ЕУ.

– Делчев е Македонија и столбот на нашето постоење како народ. Откажувањето од него според власта е една од стоте работи што мораме да проголтаме за некаква подобра иднина во ЕУ. Не е така, македонизмот и она што сме не е ништо помалку важно од европеизмот, македонизмот е над и пред сѐ. Тука сме и за ЕУ и за Гоце Делчев – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој упати поддршка на историчарите од експертската комисија што се борат за македонските позиции.

Според аналитичарот Благојче Атанасовски, колку и да е непринципиелна бугарската политика, Македонија мора да ги решава националните меѓусоседски прашања наместо да ги бутка под тепих, а ВМРО-ДПМНЕ досега не понудила решение.

– Еден лидер мора да има став за сите прашања, па и за најчувствителните, особено кога се оспоруваат нашите револуционери, што се силно сензитивни прашања за Македонците. ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историската ВМРО требаше да има проактивна улога во создавањето и имплементирањето на Договорот со Бугарија, наместо пасивната што ја одбра. Партијата освен што даваше исклучиво негативни критики за Договорот, не без право за некои делови, не понуди никаков концизен став и не понуди свое решение. Со кое право потоа би критикувала? За Гоце Делчев и за другите прашања тие можеа да организираат свои конференции, трибини, да бидат проактивни. Несериозно е ан бланко да критикуваш договор со која било земја членка на ЕУ – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот