Собраниското мнозинство повторно со 62 пратеника: Верификуван мандатот на Емилија Рамбабова

Собранието на Република Северна Македонија во попладневниот дел од денешната седница го верификува мандатот на пратеничката Емилија Рамбабова од коалицијата „Можеме“ која во законодавниот дом доаѓа како замена на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Во салата беа присутни 63 пратеници, а за верификација на мандатот гласаа 61 пратеник.

Со верификацијата на мандатот на Рамбабова, владејачкото мнозинство повторно има 62 пратеника. Во Собранието денеска беше и пратеникот Арбен Зибери, кој беше позитивен на Ковид-19, но последниот тест му беше негативен. Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги информира пратениците дека Зибери имал два негативни теста и оти според новиот протокол на Комисијата за заразни болести нема решение за изолација.

– За тоа сум обврзан да ве информирам, рече Џафери, притоа посочувајќи дека самиот пратеник Зибери се обратил до него и доставил решение дека е слободен да дојде во Собранието.

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива побара разрешување на Антикорупциската комисија бидејќи не постапува по случаи на судир на интереси и го обвини владеачкото мнозинство за, како што кажа, „криминализирање на институциите ДИК, МВР”, но и институтот пратеник.

– Човекот кој требаше да биде изолиран му дозволивте без никој да го види да го даде својот глас. Тоа е лоша порака, рече Реџепи, додавајќи дека Зибери тоа го сторил кога гласал за составот на Влада.

Претседателот на Собранието објасни дека верификацијата на мандатот не е прашање на мнозинството, туку е уставна категорија.

Собранието, претходно, со 98 гласа „за”, четири „воздржани” и ниту еден „против”, ја усвои одлуката за избор на составот на работните тела на Парламентот, предлог кој е усогласен со координаторите на сите пратенички групи.

И покрај тоа што дневниот ред за седницата беше усвоен, во расправата по оваа точка пратениците од опозицијата повторно посочија дека се крши процедурата и оти се гласа за персонален состав пред Собранието претходно да донесе одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.

Тие истакнаа дека ваква одлука Собранието требало да донесе, бидејќи, како што посочија некои од комисиите би можеле да претрпат измена на број на членови или опфат и делокруг на работа, како на пример Комисијата за здравство која би можело да има поголем број на членови со оглед на ситуацијата со пандемијата.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова смета дека крајно невообичаено е Комисијата за прашањата на изборите и именувањата да ја супституира улогата на Собранието и оти секој собраниски состав треба да има сопствена одлука за формирање на работни тела по која ќе се прави изборот на персоналниот состав.

Објаснувањето на претседателот на Собранието, Талат Џафери беше дека претходната одлука за формирање на работни тела или комисии е на сила и оти нема предлози за формирање нови. На оваа одлука, како што нагласи сопбранискиот спикер, се темели и предлогот на координаторите на пратеничките групи за персоналните состави.

Пратеникот Антонио Милошоски смета дека парламентарното мнозинство не ја крши процедурата од незнаење, туку дека можеби се плаши од евентуално отворање на дебата за надлежностите на комисиите и за евентуални амандмани со кои, како што рече, би се оневозможило собраниската Комисија за европски прашања да остане „комисија за носење закони по скратена постака”, како во минатиот состав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот