Собранискиот ден ќе биде долг, техничка влада треба да се избере до полноќ

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

На 2 јуни 2015 година Пржинскиот договор го потпишаа лидерите на четирите партии со најголем број на пратеници.

Долг собраниски ден ги чека пратениците. Власта и опозицијата ќе избираат нова Пржинска влада. Премиерот Заев, како што соопшти утринава во емисијата Утрински брифинг, ја потпиша оставката. Извори во Собранието велат дека партиите на координација кај спикерот Талат Џафери ќе го креираат денот.

Тие треба да се договорат, дали расправата за техничката влада ќе биде долга или пак за збор ќе се јават само координаторите на пратеничките групи. Неодамна спикерот Џафери најави дека целата процедура, народните избраници можат да ја завршат за еден ден. Процедурата предвидува прво спикерот да ја закаже седницата за констатирање на оставката на премерот Зоран Заев, а потоа претседателот на државата Стево Пендаровски да го додели мандатот.

На втора седница за избор на преодната влада, која се очекува да биде во попладневните часови, мандатарот Оливер Спасовски ќе го предложи новиот владин состав кој пратениците треба да го изгласаат до полноќ.

На 2 јуни 2015 година Пржинскиот договор го потпишаа лидерите на четирите партии со најголем број на пратеници. По многу средби во скопската населба Пржино, на 2 јуни 2015 година партиските лидери на СДСМ Зоран Заев, екс претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи го потпишаа договорот за техничката влада. Обврската која тогаш ја презедоа е 100 дена пред секои парламентарни избори со државата да раководи преодна влада.

На средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, партиите се договорија да има предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година. Дотогаш ресорот за внатрешни работи треба да го води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев, и дополнителниот министер за внатрешни работи од СДСМ, Славјанка Петровска. Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори. Според договорот од Пржино, првиот полицаец ќе може да разреши или распореди најмногу 15 лица. Во врска со евентуалното поставување на нови раководители, техничкиот минстер за внатрешни има должност по предлог на дополнителниот заменик министер, да именува и нивни заменици. Техничкиот и дополнителниот министер ќе имаат врзани потписи. Ова значи дека секој акт кој е потпишан само од едно лице – нема да важи.

Министерот има право да ангажира лица за потребите на својот кабинет, а му се овозможува да врши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во последните две години. И дополнителните министри имаат права и должност. Тие работат рамноправно со министерот. Бидејќи имаат врзани потписи, ги разгледуваат и ги потпишуваат сите акти и документи кои се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

За да нема блокада на работата, министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот. Ако актот или документот е потпишан само од едното лице, се смета дека не произведува правно дејство. Доколку не можат да го надминат несогласувањето околу правното, финансиското или кадровското прашање за организирањето на изборите, тогаш Државната изборна комисија во рок од 24 часа е должна да го реши. Таа одлука ќе биде конечна.

Управниот суд ќе ја има улогата за разврска за евентуално незаконско постапување. И заменските министри имаат право на советници и кабинетски службеници. На сите, и на техничките и на заменските министри, мандатот им завршува со изборот на нова влада. Инаку по предлог на опозицијата, министерот за труд и социјална политика ќе биде Рашела Мизрахи. На предлог на власта, дополнителен министер во ова министерство ќе биде Санела Шкријељ. Од ВМРО-ДПМНЕ во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација се предлозите Гордана Димитриеска Кочоска, Цветан Трипуновски и Невенка Стаменковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот