Собранието да расправа за бугарскиот „катил ферман“!

И покрај тоа што Софија со меморандумот му нагласува на Брисел дека ќе нѐ блокира на европскиот пат сѐ додека сметаме дека таму има македонско малцинство, од МНР очекуваат дека Бугарија ќе го поддржи почетокот на преговорите за членство.

Македонија засега не реагира на скандалозниот меморандум, со кој Бугарија бара поддршка од ЕУ за нивните тврдења дека Тито ги измислил Македонците кои всушност се Бугари и дека не постои македонски јазик, ниту, пак, македонско малцинство во Бугарија. Од Министерството за надворешни работи велат дека до нив не стасал никаков документ за каков што се тврди во јавноста дека Софија го испратила до Брисел и дека очекуваат поддршка, а не блокади од Бугарија на патот кон ЕУ. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се шокирани, а пратеникот Антонио Милошоски бара Собранието да расправа за бугарскиот меморандум и да изгради свој став.

МНР: Очекуваме поддршка од Бугарија

Од кабинетот на министерот за надворешни работи Бујар Османи за медиумите изјавиле дека не коментираат за документот додека не се потврди неговата автентичност.

– Ние немаме таков документ, не е доставен до нас и не знаеме дали е автентичен. Ако е, тоа е интерен документ меѓу Бугарија и Европската Унија. Тие преку такви нон-пејпер документи разговараат додека ја формираат преговарачката рамка што се подготвува за нашата земја. Ние очекуваме дека Бугарија ќе остане на ставот дека ќе го поддржи почетокот на преговорите за членство во ЕУ и не се очекува да го попречува. Очекуваме да ја добиеме поддршката и преговарачката рамка – велат од МНР.

Пратеникот Антонио Милошоски вчера предложи Собранието да усвои декларација како одговор на бугарскиот документ. За него е неприфатливо државен јазик да биде предмет на преговори во рамките на ЕУ и бугарските позиции ги смета за неевропски.

– Европа и нејзиното мото обединети во различностите би требало да важи и за Македонија и сметаме дека за тие прашања не би требало да има преговори, напротив тие прашања треба да бидат поддржани од сите политички партии дека не треба да се преговара. Мислам дека би било добро Собранието, како контра одговор на бугарското национално собрание, да усвои една заедничка декларација, во којашто идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности на културните и националните идентитети на овој континент – рече Милошоски.

Тој најави дека како претседател на Комисијата за надворешна политика, ќе се обиде да го отвори прашањето, но се сомнева дека власта ќе прифати.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека дел од вината за бугарските негаторски позиции кон Македонија има попустливиот став на премиерот Зоран Заев.

„Шокирани сме од однесувањето на источниот сосед, чиј негаторски однос е потценувачки за нас како држава, нација и народ и секако не е пример за европска вредност. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува и осудува секаква негаторска политика кон Македонија и македонскиот народ. Политиката на свиткана кичма на Зоран Заев ги зголемува апетитите на оние што имаат поинакви интереси од нашата држава“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Негирањето на јазик е закана за Европа

Во меморандумот Бугарија бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачката рамка во поглавјето 35. Македонија мора да се откаже од тврдењата дека има свое национално малцинство во Бугарија, а ова ќе биде предуслов Бугарија да даде согласност за каков било натамошен чекор во интеграцијата со ЕУ.

Скандалозниот документ стаса во време кога во Брисел се очекува усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, што треба да се случи на почетокот на октомври, како и првата меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годината. Наскоро треба да продолжат и средбите на експертската македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и образованието, кои беа прекинати поради парламентарните избори. Разговорите во комисијата запнаа на дефинирањето на идентитетот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, за кој Бугарија инсистира македонската страна да прифати дека е Бугарин.

Копретседавачот во комисијата Драги Ѓоргиев вели ваквите барања и ставови на Софија длабоко ги еродираат заложбите за добрососедство, а едностраните и исклучиви оценки во меморандумот може да ја направат беспредметна и работата на заедничката комисија.

– Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин или, пак, закана за која било нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и за основните човекови права. Нациите се резултат на долготрајни и повеќеслојни процеси и не се создаваат со одлука и волја на една институција или човек. Несомнено бугарската национална идеја има свое место во развојот на македонската национална идеја, што резултирало со заеднички и споделени историски личности и моменти. Но, тоа не ѝ го одзема правото на македонската нација на нејзин сопствен и автохтон пат. Всушност, сите нации се социјални конструкти, а не биолошки категории – вели Ѓоргиев за „Дојче веле“.

Во бугарскиот меморандум има забелешки и за толкувањето на концептот за „заедничка историја“, односно, според Бугарија, Македонија се обидува овој концепт да го замени со алтернативни поими како „споделена“ или „испреплетена историја“. Историчарот Ѓоргиев за ова вели дека денес постојат неколку концепти што ги објаснуваат историските процеси и меѓусебните влијанија.

– За разбирањето на историјата на регионот Македонија постојат повеќе погледи и толкувања, така што не постои само една историска вистина. Но, тоа не е причина еден национален историски наратив да се наметне врз друг. Ваквите спорови можат да се надминат само преку разбирање за погледите на соседите, без притоа тие погледи за минатото да предизвикуваат поделби и недоразбирања. Токму поради тоа, мултиперспективниот пристап во изучувањето на минатото е солидна основа за надминување на историско-политичките спорови. Постојат различни читања на историјата, но тие не мора да водат до конфликт, туку поскоро до дијалог што ќе овозможи да се надминат национализмите и злоупотребата на минатото, кои ги поткопуваат темелите на кои се заснова современа Европа – вели Ѓоргиев.

Џамбаски до европратениците што го прашуваат за македонско малцинство: Вие сте неписмени европски бирократи!

Во Бугарија нема македонско малцинство, а вие сте неписмени европски бирократи – вели бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Ангел Џамбаски, коментирајќи го фактот дека Комитетот на ЕП за граѓански слободи, правда и внатрешни работи ѝ се обрати на бугарската влада со прашање во врска со различните малцинства.

Членовите на групата за набљудување за почитување на демократијата, владеењето на правото и основните права на Комитетот ја критикуваа бугарската влада за непочитувањето на правата на различните етнички и социјални групи, пред сѐ поради нејзиниот однос кон Ромите и ЛГБТ-заедницата. Тие се осврнаа на пречките во работата на невладината организација со „македонско-бугарското“ малцинство.

– Тие наводно се подготвуваа да се борат против корупцијата, а се покажа дека ги прашуваа бугарските власти за правата на сексуалните и на етничките малцинства, вклучително и македонското. Немаше, нема и не може да има македонско малцинство во Бугарија. Бугарија ќе продолжи да ги штити своите национални интереси и не е должна да им ги објаснува своите потези на некои неписмени и неинформирани бирократи од Брисел – вели пратеникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот