Собранието да ја замрзне соработката со руската Дума

Собрание седница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Предлогот на Реџепи е симболичен, бидејќи групата за соработка со парламентот на Русија и онака не функционира, а македонското Собрание преку неодамна донесената Декларација со големо мнозинство ја осуди руската агресија врз Украина, се првичните коментари на пратениците.

Пратеникот Скендер Реџепи од владејачката Алтернатива поради агресијата на Русија врз Украина бара Собранието да ја распушти Парламентарната група за соработка со парламентот на Руската Федерација и времено да ја суспендира соработката. Тој го информирал претседателот на Собранието Талат Џафери дека повеќе нема да биде член на работната група и денеска официјално ќе го достави предлогот Собранието да расправа за нејзино распуштање.

Партиите од власта и од опозицијата допрва ќе се координираат дали Собранието треба да ја укине оваа работна група. Првичните коментари се дека предлогот на Реџепи е симболичен, бидејќи групата за соработка со руската Дума и онака не функционира, а македонското Собрание преку неодамна донесената Декларација со големо мнозинство ја осуди руската агресија врз Украина.

– Имајќи ја предвид агресијата и теророт на Руската Федерација кон народот и државата Украина, јас, Скендер Реџепи, се повлекувам од позицијата член на Парламентарната група за соработка со парламентот на Руската Федерација. Истовремено очекувам истото да го направат и колегите членови на оваа група, додека од претседателот на Собранието Џафери ќе побарам на пленарна седница, на дневен ред да го стави суспендирањето на Парламентарната група за соработка со парламентот на Руската Федерација на неодредено време. Се надевам дека оваа агресија ќе заврши и ќе се стави крај на хуманитарната и економска криза, која освен во Украина, се шири и во други земји во светот. Во овој момент, граѓаните на Северна Македонија и ние како претставници треба повеќе од кога било да ја нагласиме нашата стратешка и цврста определба со САД и ЕУ – вели Реџепи.

Претседателот на Парламентарната група за соработка со парламентот на Русија Павле Трајанов вели дека партиите треба да се координираат и да одлучат дали има потреба од распуштање на работната група и од суспендирање на соработката со рускиот парламент.

– Актуелниот пратенички состав не остварил ниту една средба и нема никаква соработка со Собранието на Руската Федерација. Работната група за соработка со парламентот на Руската Федерација практично е суспендирана. Македонското собрание има јасен став за осуда на руската агресија врз Украина и за тоа донесовме декларација. Нека се отвори собраниска расправа, па ќе видиме дали има потреба од распуштање на парламентарната група – вели Трајанов.

Против предлогот на Реџепи е пратеникот и член на парламентарната група Иван Стоиљковиќ.

– Не. Не треба да се укине групата за соработка со Собранието на Руската Федерација. Вратата за соработка треба да се држи отворена. Ако Реџепи не сака да биде член на работната група, нека биде во група со соработка со не знам кого – вели Стоиљковиќ.

Во Парламентарната група за соработка со парламентот на Руската Федерација членуваат седум пратеници од власта и од опозицијата, а претседател е Трајанов.

Собранието има 51 парламентарна група за соработка со повеќе од 60 држави во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот