Со судска пресуда дозволата за градба на катната гаража кај Собрание се „растегнала“ од две на десет години
Почетокот на изградбата на катната гаража во зелениот простор помеѓу државното Собрание и Домот на Армијата, покажува како одобрение за градба, која законски треба да почне во рок од две години откако е издадено, може да се „растегне на десет години“ и тоа сепак да биде легално. Доволно е инвеститорот да се жали и да обжалува решенија на Општината, судот да пресуди во негова корист и одобрението за градба да му важи цела деценија, независно од тоа што не го испочитувал законски утврдениот рок за започнување на изградбата.
Од Општина Центар за „Слободен печат“ ја објаснија целата досегашна процедура и како дошло до тоа овој објект, кој сега почнува да се гради, да не се смета за бесправна градба.
Општината на 26 август 2014 година му издала на инвеститорот ДТПУ „АНГО“ одобрение за градење, кое на 10 септември истата година станало правосилно. Според член 66 од Законот за градење, одобрението престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот на правосилноста, а по тој рок, градењето се смета за бесправно. Инвеститорот не почнал со градежни активности и поради тоа, во ноември 2018 година Општина Центар со решение ја поништила претходно издадената дозвола за градба.
Инвеститорот поднел жалба на решението, која во март 2019 година била одбиена како неоснована од страна на второстепениот орган. Во април 2019-та, ДПТУ „АНГО“ поднел тужба до Управниот суд против второстепеното решение. Управниот суд, со пресуда У-3 бр. 214/2019 од 16.4.2020 година, ја уважил тужбата на тужителот, а решението од второстепениот орган го поништил. Имајќи ја предвид пресудата на Управниот суд, второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски во јуни донел решение во кое ја уважил жалбата на ДТПУ „АНГО“ , а решението на Општина Центар-Скопје од ноември 2018 година го поништил и предметот го вратил на првостепениот орган на повторна постапка.
Општина Центар следејќи ги насоките дадени преку пресудата У-3 бр.214/2019 од 16.4.2020 година повторно го огласил за ништово Одобрението за градење, но во смисла на Решението Уп2 бр.32-633/2018 од 04.02.2022 година, а донесено во врска Пресудата на Управниот суд У-3 бр.20/2021 од 23.12.2021 година, правосилна на 23.12.2021 година е должна да ги следи насоките дадени во Пресудата и постапи во согласност со неа, и со тоа повеќе нема законска можност да го огласи Одобрението за ништовно. На тој начин не постои правна пречка да се реализира градбата. Така, имајќи го рокот предвиден според Законот за градење, за пријавување на градба, а со тоа и реализација на изградба на објектот, рокот за изградба во согласност со Одобрението за градење истекува на 10.9.2024 година. Станува збор за управна постапка по вонреден правен лек, која била во тек и по заминувањето на претходниот градоначалник – објаснуваат од Општина Центар.
И така, катната гаража што почнува да се гради кај Собранието, не е дивоградба. За неа по долгата управна постапка важи решение старо десет години.
Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот во неа ќе биде од пристапната улица помеѓу Собранието и Домот на АРМ. Дали ваквиот комерцијален објект влијае врз безбедноста на Собранието како витален објект од државно значење, од МВР веќе три дена нема одговор.