Се подготвува теренот за катна гаража: Дали пред очите на сите кај Собранието ќе се гради дивоградба?

Катна гаража до Собрание - Фото Слободен Печат - Методи Здравев

Доколку градбата не почне да се гради во рок од две години откако одобрението за градба станало правосилно, се смета дека градењето е бесправно, се вели во Законот за градење.

Зад републичкото Собрание почна да се подготвува теренот за изградба на катна гаража. Просторот сѐ уште не е ограден со лимени тараби, само со црвени ленти е означена градежната парцела, но поставена е табла со податоци за изградбата. Засега таму има само еден багер, но веќе се исечени постојните дрвја за да се ослободи теренот за градба.

Деталниот урбанистички план „Мал ринг“, кој предвидуваше на овој простор помеѓу Собранието и Домот на Армијата да се изгради подземна гаража, беше изменет кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ и тогаш маркичката за подземна беше заменета со маркичка за катна гаража.

Катна гаража до Собрание – Фото Слободен Печат – Методи Здравев

Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето од 2.455 метри квадратни го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 8.355 денари или за околу 135 евра за метар квадратен. Планот предвидуваше гаражата да биде висока девет метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор.

Откако сите процедури беа завршени и градежното земјиште продадено, инвеститорот побара одобрение за градба, кое го доби една година подоцна, на 26 август, а правосилно стана на 10 септември истата година. Тогаш со општината раководеше Андреј Жерновски.

Катна гаража до Собрание – Фото Слободен Печат – Методи Здравев

Следниот градоначалник Саша Богдановиќ во 2018 година му ја поништи дозволата за градба на инвеститорот поради тоа што во рок од две години откако решението станало правосилно изградбата не беше почната.

 Законски предвидениот рок за отпочнување со градење е две години од правосилноста на одобрението за градење, во спротивно одобрението за градење престанува да важи – објасни тогаш  Богдановиќ, прецизирајќи дека на барање на Општината, Бирото за судски вештачења, извршило вештачење и утврдило дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш започнал да се гради.

Решението на Општина Центар го потврди и Министерството за транспорт и врски, но инвеститорот „Анго“ ДООЕЛ поведе жалбена постапка до Управниот суд, кој во декември 2021 година донесе пресуда дека се прифаќа тужбата на инвеститорот и со тоа беа поништени  и решението на Министерството за транспорт и врски и на Општина Центар.

Катна гаража до Собрание – Фото Слободен Печат – Методи Здравев

Но, дали пресудата значи дека и сега, по 10 години откако е издадена дозволата за градба, инвеститорот може да гради според неа. Според поставената табла на градежната парцела се посочува токму тоа дека ќе се гради врз основа на одобрение за градба УП1 бр. 28-300 издадено на 26.8.2014 година од Општина Центар, нешто што не е предвидено во Законот за градење.

Во став 1 од член 66 во Законот е прецизирано дека одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.

 Во случаите од ставот (1) на овој член надлежниот орган што го издал одобрението за градење донесува акт за ништовност на одобрението, кој се доставува до органот надлежен за водење на јавната книга за запишување на правата на недвижностите и истиот е основ за бришење на сите прибележувања и предбележувања поврзани со недвижноста. Доколку градбата започнала да се гради по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, се смета дека градењето е бесправно – стои во Законот за градење.

Катна гаража до Собрание – Фото Слободен Печат – Методи Здравев

Дали пред очите на сите надлежни, на сите инспекции, во центарот на Скопје започнува да се гради дивоградба?

Од Општина Центар до овој момент не одговорија дали нивното решение издадено пред десет години според нивна проценка е важечко иако Законот го тврди спротивното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот