Со поделена опозиција, ДУИ не треба да се грижи за својата иднина?

По иницијативата на Меџити за формирање нова партија, сега и Арјанит Хоџа, по раздружувањето со Касами најавува нов политички субјект. Дали ќе одиграат во корист на ДУИ, наместо да ја урнат од власт, ќе биде јасно по парламентарните избори.

Со меѓусебни обвинувања за тоа кој одработува за ДУИ, се разделија претседателот и заменик-претседателот на Беса, Билал Kасами и Арјанит Хоџа. Заедништвото помеѓу првите двајца луѓе во Беса прекина откако Касами се здружи со лидерот на Алтернатива Африм Гаши и со „огнениот“ Изет Меџити за формирање опозициски фронт, на што се спротивстави Хоџа.

Касами го изгуби и пратеникот Бастри Бајрами, кој од денеска во Собранието ќе дејствува како независен. И додека Касами најавува пратеничка група со Алтернатива и со Меџити, во парламентот остана само со еден пратеник – Фадил Зендели.

„Слободен печат“ веќе објави дека е можно наместо обединување во опозицискиот фронт, да се случуваат нови потреси. По иницијативата на Меџити за формирање нова партија, сега и Аријанит Хоџа, по раздружувањето со Касами, најавува нов политички субјект. Дали ќе одиграат во корист на ДУИ, наместо да ја урнат од власт, ќе биде јасно на парламентарните избори.

Откако се интензивираа средбите помеѓу Касами, Гаши и Меџити за обединет опозициски фронт со идеја да ја симне ДУИ од власт, Хоџа преку Фејсбук објави дека се дистанцира од одлуката на лидерот. Тој вели: „Главните актери, носители на оваа иницијатива, немаат за цел политичка ротација туку едноставно перење политички фигури, кои до неодамна беа актери за одржување на актуелната власт на Албанците и ја спречија ротацијата во таборот на Албанците“.
Од таборот на Хоџа за „Слободен печат“ брифираат дека засега ќе дејствуваат како самостојна политичка формација, која се очекува есенва да прерасне во нова партија. Сега работат на обединување на сите структури што не се согласуваат со одлуката на Касами за заеднички настап со Гаши и со Меџити. Тие нагласуваат дека со тоа што Бајрами дека ќе дејствува како независен пратеник, нивните гледишта ќе бидат артикулирани и во Собранието. Од групата на Хоџа не поддржуваат опозициски фронт во кој е Меџити, кој до вчера бил во ДУИ, и сметаат дека фронтот ќе одработи за партијата на Али Ахмети. Несогласувањата помеѓу Касами и Хоџа траеле повеќе од половина година. Неофицијално, Хоџа решил да раскрсти со Касами бидејќи не биле третирани неговите прогнози дека „огнените“ ќе се поделат, дека не треба преку договор за соработка да ја спасуваат Алтернатива и дека Меџити не прави нова партија, туку нова ДУИ, бидејќи дејствува според истиот шаблон како интегративците. Од друга страна, Хоџа ѝ свртел грб на Беса бидејќи по договорот за соработка со Алтернатива ќе извисел за носител на листа во првата или во втората изборна единица.
И додека се лиферуваат информации дека Хоџа и Касами пријателски се разделиле, бидејќи и по две средби не успеале да ги испеглаат разликите, генералниот секретар на Беса, Абдуш Демири, за „Слободен печат“ вели дека од социјалните мрежи разбрале дека Хоџа и Бајрами се оградиле од опозицискиот фронт. Од Беса им порачуваат на довчерашните сопартијци дека залудни им се напорите да ја спасат ДУИ.

– Од социјалните мрежи сме информирани за односот на Арјанит Хоџа и Бастри Бајрами дека се дистанцираат од опозицискиот фронт. Тоа е нивна лична одлука, најголем дел од партиските тела се апсолутно за влез во опозицијата и за симнување на ДУИ од власт. Се чини дека здружената опозиција некому му пречи, но залудни се напорите да се спаси ДУИ. Албанската опозиција секој ден сѐ повеќе се обединува, а на следните избори ќе излезе како победник, што покажува и последната анкета – вели Демири.

Бајрами, пак, како потврда дека повеќе не е со Касами, вчера го известил претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе дејствува како независен пратеник. Тој досега, заедно со Фадил Зендели, беше пратеник од Беса.
И од таборот на Хоџа и од тој на Касами потврдуваат дека ни Хоџа ни Бајрами не поднеле оставки до партијата, но дека со самото тоа што се дистанцирале од опозицискиот фронт, тие веќе не се сметаат како дел од Беса.
Во Собранието до крајот на неделава се очекува да потврдат дека ќе дејствуваат како независни пратеници и Меџити, Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи. Според најавите, тројцата од „огнените“, заедно со Зендели од Беса, Гаши и Сафије Садики Шаини од Алтернатива, можно е да формираат пратеничка група. Засега нема потврда каде ќе се приклони пратеникот на Алтернатива Хусни Исмаили. Турбуленции имаше и во Алтернатива кога дел сопартијци го обвинија Гаши дека ја жртвува партијата за да ги спаси генералниот секретар Зеќирија Ибрахими и потпретседателот Беким Сали.
Ибрахими на Фејсбук напиша дека не би било изненадување ако лица како Бастри Бајрами и Аријанит Хоџа ќе се јават и во Алтернатива.

„Зајакнувањето на албанскиот опозициски фронт е правопропорционално со повлекувањaтa (оставките) на елементи од партијата – Соравија кои се наоѓаат во редовите на опозицијата. Немојте да се чудите кога ќе видите дека се појавуваат и излегуваат незадоволни лица од Алтернатива, од Беса и од Движењето на Изет Меџити. Тие се едноставно елементи на ДУИ-Соравија во овие партии, кои партијата Соравија сега ги користи за да ја подели здружената албанска опозиција“, напиша Ибрахими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот