Со манифестацијата „Тетовирани импресии“ ФДУ го одбележува творештвото на Горан Стефановски

Факултетот за драмски уметности (ФДУ) – Скопје го слави творештвото на својот некогашен професор и драмски автор Горан Стефановски со мултимедијална програма под наслов „Тетовирани импресии“.

Настаните од програмата ќе се одржат од 27 март до 27 април во организација на ФДУ и со учество на соработници, колеги и новите „наследници“ на Горан – студентите кои ги продолжуваат неговите приказни. Тие ќе потсетат на творештвото кое претставува бескрајна инспирација за минатите, сегашните и идните генерации на факултетот.

– Горан Стефановски е инспирација која нé поттикнува кон подобро и повеќе уште од нашата „Бушава азбука“. И од „Јане Задрогаз“, преку „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Чернодрински се враќа дома“…, сѐ до „Огнени јазици“. Од нивното запознавање, разбирање, препрочитување и поставување, до одново станување и борење за она што е вистински наше – истакнуваат од ФДУ.

Манифестацијата „Тетовирани импресии“ ќе почне со одбележување на Светскиот ден на театарот, на 27 март. Во рамки на програмата ќе може да се гледаат испитни претстави и етиди по текстови на Горан, проекции на филмови по негови сценарија и презентација на документарен филм во реализација, посветен на неговото дело.

Во рамките на програмата ќе може да се слушне и како изгледала соработката со Горан преку дискусии со неговите долгогодишни соработници, а и музичка програма во соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност. Програмата ќе се заокружи на 27 април, роденденот на Горан Стефановски.

Влезот за сите настани е слободен. Деталите за секој настан ќе бидат дополнително објавени на веб-страницата и на социјалните мрежи на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот