Случајот „Тик-Ток анестезиолог“ донесе „бетон“-правила во тетовската болница

Новиот правилник за работа во тетовската болница/Фото: СП

Новиот директор на Клиничката болница Тетово доктор Плумб Вела воведе нови правила за функционирање на медицинскиот персонал во болницата, откако се случи инцидентот во кој анестезиологот Валон Дервиши ги снимаше жените кои беспомошно лежеа на медицинска интервенција во тетовска гинекологија и ги објави на социјалната мрежа ТикТок.

Анестезиологот Дервиши е во притвор и се соочува со можност Лекарската комора да му ја одземе лиценцата за работа на најдолго седум години, но претходно му е дадена еднонеделна можност да се брани од обвинението.

Во меѓувреме, Клиничка Болница Тетово изготви нов правилник за тоа како треба да се однесуваат медицинските лица. Она кое до вчера требаше да биде непишано правило, од денес е пишан правилник кој стапува на сила во болницата за сите вработени, но во правилникот има и контроверзни одредби, како на пример дека пред да дадат било каква изјава за медиумите, лекарите треба да ги прашаат „болничките власти“.

Во правилникот до кој дојде редакцијата на „Слободен печат“ пишува:

„Не објавувајте приватни информации и тајни на пациентите. Тука се вклучува здравствената, физичката и емоционалната состојба на пациентите. Историјата на пациентот мора да остане професионална тајна меѓу лекарот и пациентот. Не давајте медицински информации и стручни совети на социјалните мрежи врз основа на историјата на кој било пациент кој ви се обратил за помош. Не ги земајте како примери вашите пациенти за да објасните некоја болест и начинот на нејзиното лекување. Медицинските совети треба да се даваат во амбуланта, одделение или во дискретен разговор со пациентот. Изјавите за медиумите треба да се дадат откако ќе се разговара за потребата со болничките власти“, напишано е во новиот правилник.

Во правилникот строго се забранува да се објавуваат фотографии, видеа и материјали од секојдневната работа во амбулантата, операционите сали, ординациите или одделенијата. Строго е забрането фотографирање после, за време или пред интервенцијата или прегледот на пациентите.

„Не објавувајте колективни фотографии од состаноци, средби со колеги. Дополниелно, забрането е објавување на фотографии и слики од просториите на тетовската клиничка болница. Воздржете се од коментирање на актуелни општествени, политички теми. Воздржете се од конфликти, кавги и полемики на социјалните мрежи како што се теми со верски, расни, политички и социјални разлики од секаков вид. Вашите пациенти се од сите типови и секој поддржува одредено верување, кауза или идеологија. Мора да бидете инклузивни, да ги почитувате разликите на сите. Контроверзните дебати прават да изгледате непрофесионално и контроверзно“, напишале директорите во новите правила.

Дополнително, се обесхрабрува ширење на непотврдени вести и неточни информации на социјалните мрежи. Се наредува медицинските лица да не ги користат социјалните мрежи за да промовираат комерцијални медицински услуги или производи, а и се вели да не им се нудат, рекламираат и да не им се предлагаат на пациентите производи на компанијата со која имаат договор за соработка.

„Објавувањето успешни приказни во текот на вашата работа мора да го помине филтерот на професионалци кои се вработени во болницата. Исто така, никогаш не објавувајте слики и видеа од пациенти освен ако имате писмена изјава од пациентот. Усната согласност од пациентот не е дозвола за објавување бидејќи не може да се докаже. Воздржете се од критики, хумор и потсмев на вашите колеги во работното време и преку социјалните мрежи. Ова покажува дека лекарите ја изгубиле почитта кон своите колеги и го одразува рушењето на меѓуколегијалното единство и соработка. Не објавувајте непристојни фотографии за време на празниците. Ова влијае на вашиот углед и на угледот на болницата како ваш работодавач. Се предлага објавите на социјалните мрежи да бидат ограничени само на ваши блиски пријатели (а не јавни) кои не ги злоупотребуваат објавите на вашите фотографии, размислувања и ставови. Внимавајте кого прифаќате за пријател или следбеник на социјалните мрежи“, се додава во правилникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот