СЛОБОДЕН УДАР: Нема криви за патната исправа

Издавањето документи, сепак, е една од најосновните функции на државата во која не смее да има застои, бидејќи стотици илјади граѓани со нив треба да подигнат пари од банкарска сметка, да обезбедат социјална помош, да водат разни имотни и други постапки пред нотари и други институции, да подигнуваат лекови, кредити, да водат бизниси, меѓу другото, и со партнери надвор од Македонија, да се лекуваат во странство…

Шпанската серија што се случува деновиве во Министерството за внатрешни работи ги чини многу граѓаните на Македонија. Никогаш државната управа не капитулирала досега на волку драматичен начин како што се случува сега со издавањето пасоши и други лични документи. Дури и кога се менуваа сите документи одеднаш, пред десетина години, за да станат биометриски не се памети некој да останал без пасош или лична карта во разумен рок ако ги преживееше долгите редици.

Наместо да се унапредува работата на администрацијата, стигнавме дотаму главниот симбол на државата – пасошот, да стане мислена именка за илјадници граѓани, па и некаква смешна комисија на МВР да проверува лекарски дијагнози за да прави приоритетна листа за издавање вакви документи, а притоа пораката од терен да е – дека најдобрата „дијагноза“ за да успеете во овој потфат е да си платите брза постапка. А не недостигаат само пасоши, туку и сообраќајни и возачки дозволи, обрасци за државјанства… До пред некоја недела немаше ни обрасци за лични карти.
Сè заедно има потенцијал да ја проблематизира дури и регуларноста на идните парламентарни избори. Некои граѓани ќе немаат документ за да гласаат, некои од дијаспората не ќе можат да дојдат на гласање во Македонија, некои не ќе можат да поднесат кандидатски листи, бидејќи тие што стојат зад нив немаат потврди за државјанства. Недостигаше само уште препукувањето меѓу главните политички партии што „седат“ во Владата – дали првите намерно им оставиле дупка со документите за да потфрлат пред изборите или обратно – дали вторите, за да ја проблематизираат работата на претходниот министер, наместо да работат на обезбедување на документите ја продлабочуваат кризата.

И наместо актуелниот технички министер да мисли како да ја реши кризата со документите, актуелниот технички министер поднесува кривични пријави и уште ја гуши работата на судовите. Во меѓувреме ни „продава“ нови шпански серии за кокаин за да го сврти вниманието на граѓаните од тоа што ги погодува најдиректно.

Слично беше и при набавката на вакцините, на лековите од кои на некои им зависат животите, со топлиот оброк на учениците, со учебниците… Постојано некој се повикува на тендерската постапка, на процедурите… што е само изговор.

Кризата со пасошите, што е срам и за најнеорганизираните држави, сепак, не е единствената дисфункционалност од претераната политизација на администрацијата и на државата. Секој митинг или протест од десетина собрани пред Собрание го блокира вкупното живеење – таксистите се жалат дека тоа скапо ги чини, трговците и превозниците – исто така. Што станува, пак, со возилата за итна медицинска помош, пожарникарските… Доцнат деца на училиште, доцна огромен број граѓани на работното место (или не можат попладне побрзо да стасаат дома).

Епилогот е дека поради ваквите политизирања на сè и сешто и инволвирањата на институциите во тоа, значајно е отежнат нормалниот и секојдневен живот на граѓаните во Македонија. Издавањето документи, сепак, е една од најосновните функции на државата во која не смее да има застои, бидејќи стотици илјади граѓани со нив треба да подигнат пари од банкарска сметка, да обезбедат социјална помош, да водат разни имотни и други постапки пред нотари и други институции, да подигнуваат лекови, кредити, да водат бизниси, меѓу другото, и со партнери надвор од Македонија, да се лекуваат во странство…

Многумина, поради циркусот во МВР, ќе претрпат лични штети поради однапред купени авионски карти и хотелски резервации, агенциите ќе мораат да откажуваат туристички патувања, ќе пропаѓаат зимски одмори и бизнис-патувања, а во МВР во меѓувреме ќе се бараат нови „закачки“ наместо решенија. А прашање е дали воопшто ќе се дознае дали е ова е политичко манипулирање или, едноставно, некој не си ја завршил добро работата. Ќе одговара ли некој?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот