„СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“ ДОЗНАВА: Нема зима за мафијата зад Водно

Стотици трупци од „плански“ исечените дрвја осамнаа зад падините на Водно па сѐ до падините на Јакупица како „потпис“ на добро организираните групи од овој дел на селата, кои со месеци незаконски сечат дрва за свои потреби и за препродажба, дознава „Слободен печат.

Соговорниците велат дека, освен што сечат и продаваат огревно дрво, овие банди се занимаваат и со уште еден доста попрофитабилен бизнис, а тоа е продажба на фасаден камен, кој во овој дел го има во неограничени количини, и е со закон забрането да се ископува и продава без одобрение.

Според соговорниците, постојат три добро организирани групи на шверцери на дрва кои го контролираат „пазарот“ за огревно дрво на потегот од Сопиште па сѐ до селото Батинци пред населбата Драчево.

Од друга страна пак, најголемите количини на фасаден камен и камен за огради се „позајмува“ од државата односно од ископините во овој дел од скопско, особено од ридовите крај магистралниот пат што води кон браната „Козјак“, а го купуваат граѓани кои имаат викендички во овој дел од Скопје.

Упатените во овие прилично доходовни бизниси за „Слободен печат“ објаснуваат како функционира овој бизнис со години наназад.

– Станува збор за регион со многу села и жители. Голем дел од викендичките, сопствениците постепено ги пренаменуваат во места за постојано живеење. Има се помалку викендаши, а се повеќе постојани жители. Малите викендици „пораснаа“ во големи семејни куќи. Ретки се тие што имаат парно на нафта. Сите тие за да заштедат, свесно, купуваат дрва и камен од крадците. Цените се далеку пониски од тие што ги нудат дрварите и складиштата за камен. Интересно е да се напомене дека во регионот на општина Сопиште, има шест каменоломи, но ниту еден од нив не продава камен. Во овој регион нема надлежно шумско претпријатие кое, пак, продава дрва. Сѐ се прави на „црно“. Ретки се тие граѓани кои купуваат дрва од дрвари, многу ретко – вели Стојмир Перевски, жител на скопското село Долно Соње.

Тој и неговите соседи објаснуваат дека групите ги сечат дрвјата и ги ископуваат камењата, од она што се нарекува државна сопственост, преку ден.

– Обично мируваат во деновите од викендот кога сообраќајот е зголемен. Доставата на дрвја и камен ја вршат навечер кога на патиштата е намален бројот на возила. Токму незаконски исечените дрвја и ископан камен се пренесуваат со мали „тамчиња“ за да не „паднат во очи“ и со постари возила. Повеќето не се регистрирани и се слабо осветлени, некои пак се испокршени од транспортот. Доставата на каменот или огревното дрво се врши во попладневните и вечерните часови. Јавна тајна во овој дел на Скопје е дека ова вака функционира со години – вели Перевски.

Токму во Сопиште, Ракотинци, Горно и Долно Соње, Света Петка, Јаболце, Говрлево, Патишка Река, Црн Врв, Елово, Осинчани, Маркова Сушица и ред други села сѐ до Батинци безмалку да нема куќа чија ограда или фасада не е изградена од скап бел камен.

Официјалните цени на кубик камен е 70 евра, а најевтин „исечен и до дома донесен“ кубик дрво е 60 евра. Според соговорниците, цените кај дрвокрадците и „продавачите“ на камен се за 40 до 50 отсто помали, но се зависело од количината и квалитетот кој го нарачува клиентот.

„Слободен печат“ побара одговор од МВР, дали изминатиот период, на територијата на Град Скопје откриле дрвокрадци или нелегален транспорт на огревно дрво и камен, но одговор засега не добивме.

[foogallery id=”103395″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот