Сликаш мачка и не плаќаш книга: Библиотека во Масачусетс смисли одличен начин да ги поттикне луѓето да читаат повеќе

Фото: Инстаграм/Јавна библиотека Ворчестер

Дали некогаш сте позајмиле книга од библиотека и потоа сте заборавиле да ја вратите? Или уште полошо – сте ја изгубиле? Тоа и не е толку лоша ситуација, особено за читателите од Ворчестер, Масачусетс во текот на месец март, пишува „Њујорк пост“.

Јавната библиотека во Ворчестер најде начин да им прости на читателите доколку доцнат да вратат книга месецов – наместо пари ќе треба да дадат фотографија од мачка. Без разлика дали е нивна или улична.

Нивната цел е да ги поттикнат луѓето да читаат и да ја посетуваат библиотеката, дури и ако должат пари за членарина или не вратиле книга подолго време.

„Луѓето се соочуваат со изборот помеѓу тоа да платат казна од 30 долари за книгата која нивното куче ја оштетило или да купат храна за тие пари“, изјави Џејсон Хомер, директор на Јавната библиотека во Ворчестер.

„Луѓето имаат приоритети. Па, би сакале да им пристапиме со љубезност и простување. Едноставно, да им кажеме – бидете дел од нашата заедница“, додаде тој.

Оваа иницијатива е дел од настанот „Мартовско мјаукање“, кој ќе трае во текот на целиот месец март.

Настанот има за цел да ги намали бариерите за враќање книги во библиотеката, без оглед на околностите.

Директорот на библиотеката и останатите вработени размислувале на оваа тема и дошле до прашањето: Зарем постои подобар начин од тоа да им посакаме добредојде со симпатични мачки?

„Секој библиотекар е љубител на читањето, на квалитетен џемпер и мачки“, рече Хомер.

„Нашите вработени имаат многу мачки. За време на еден неодамнешен состанок, на кој дискутиравме како да ги вратиме луѓето во библиотеката, вработените дојдоа до размислата: ‘А, да им кажеме на луѓето да ни покажат фотографија од мачка, да ни нацртаат слика со мачка или да ни раскажат за нивната мачка?’“, додаде тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот