Сликарот Јован Шумковски донираше осум свои дела на МСУ

Македонскиот уметник и професор на Факултетот за ликовна уметност, Јован Шумковски, донираше свои дела на МСУ и со тоа ја збогати колекцијата на музејот за уште осум дела.

Станува збор за пет дела од раниот и извонредно значаен циклус „Мали објекти“ (1986-1988). Дел од донацијата е и групата од три макети и видеа за архитектонски зданија за три замислени интернационални манифестации: „Скопје Пара Олимписки Игри 2052“, „Скопје Интерпол Самит 2021“ и „Скопје Арт Експо 2016“, сите реализирани во 2004 и 2005 година, со кои Шумковски ги антиципира на ироничен начин настаните што следеа со проектот „Скопје 2014“. Конечно, Шумковски ја донираше и опсежната фотодокументација од неговиот монументален проект за градот, насловен „R=1:2/1:200“ од 2004 година.

Колегиумот на Музејот на современата уметност – Скопје му ја изрази својата благодарност на уметникот за овој благороден чин, со кој се пополнуваат некои од празнините во колекцијата на МСУ во однос на неговото творештво и на покриеноста со значајни дела во презентирањето на историографијата на современата уметност.

Донираните дела се дел од ретроспективна изложба „Вода/Ѕид“ на Јован Шумковски, која беше поставена во МСУ од декември минатата година до мај 2021

До неодамна, Шумковски имаше ретроспективна изложба во МСУ, која беше отворена речиси шест месеци, со наслов „Вода/Ѕид“, а поставката ја курираше Зоран Петровски. Подарените дела се дел од поставката. Ретроспективната изложба, во чии рамки се овие осум дела, го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.

Сликар по вокација, Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата… Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.

Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествува на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Редовен професор е на ФЛУ од 2002 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 82, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29-30 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот