Славчо Апостолов од Скопје ослабе 120 килограми и моли да му ги оперираат нозете за да може да живее нормално

,,Цел живот се борам, не само со дебелината, туку и со луѓето околу мене. Заради дебелината од секогаш сум бил омаловажуван, навредуван, напаѓан и ми имаат вршено мобинг на работа. Поради сето тоа, повторно се затварав во себе и утеха наоѓав во храната! Но, пред година и половина решив јавно да се отворам и да се борам против сите лоши навики, да кажам дека дебелината е болест, не само за мене туку и за сите други. Сакав да охрабрам и други да се борат против дебелината. Бидејќи кога човек е обезен, сите болести ги влече со него, висок крвен притисок, дијабетес, холестерол, срцеви заболувања, депресија која доведува дури и до смрт. Сакам да помогнам на сите. Сопругата и само мал број на луѓе ми помогнале и цел живот ќе ги паметам”.

Вака 39 годишниот Славчо Апостолов од Скопје ја почнува својата приказна, за борбата со големиот вишок килограми, која иако ја добил, го исправила пред нов предизвик и нова дијагноза. Тој ослабнал 120 килограми, меѓутоа на нозете му се развила елефантијаза. Секој ден се мачи да работи, да пешачи и да не ги врати килограмите, меѓутоа ова е отежнато зашто нозете му се отечени, полни со течност и не може да облече фармерки, патики.

Единствената потпора во животот му се сопругата и неколку добри луѓе. Славчо работи како одржувач на дворот и зеленилото во Општина Аеродром. Би сакал да може да ги оперира нозете и да почне да се движи нормално, да работи без потешкотии и да не ги чувствува силните болки во нозете.

-Болките ми се интензивни. Не можам да одам без болки, како некој со нож да ме сече и како да ме стиска некој. Дебелината се спушта надолу ми се отвораат и рани. Бев во Градска болница и ми правеа преврски и уште ми ги прават. Многу е лошо што долу не можам да облечам нормални панталони, ни фармерки не можам да си купам. Горе слабеам и кожата ми се спушта надолу, вели Апостолов.

Слободен печат дознава дека лекарски тим на Клиниката за пластична хирургија, неделава ќе го прегледа и ќе одлучи што понатаму со него. Прегледите според Славчо, биле одолговлекувани поради пандемијата со ковид, но бидејќи состојбата се стабилизира, се надева дека во Македонија ќе може да добие лекарска помош и да биде опериран. Во консултација со кардиолог му било препорачана итна операција.

-Мојата сегашна дијагноза е елефантијаза. Слабеам во горниот дел од телото, потоа кожата ми се спушта надолу, имам масно ткиво и притисок врз вените и артериите. Имав над 221 килограм. Лани на 13 март кога беше најголемата ковид криза, направив операција во Турција за дебелината. Со неа ослабев над 120 килограми. Имам околу 104 килограми но ми варираат килограмите зашто ми се собира вода во нозете долу. Сега ги загубив килограмите, меѓутоа болките во нозете продолжуваат. Барем пет години го имам ова. И претходно ногата ми беше таква, но мислев дека е од дебелината. Но, сега нозете не ми слабеат во пределот на глуждовите. Бев кај кардиоваскуларен хирург кој ми рече дека мора операција да ми се направи под итно. Тука кај нас се надевам дека ќе може да се изврши таа операција, сега чекам преглед на Клиниката за пластична хирургија, да видиме дали може некако да ми се помогне. Меѓутоа, доколку тоа не се случи и таква хируршка интервенција не е можно да се изведе кај нас, ќе молам за конзилијарно мислење таа да се изведе во Турција. Таму имам најдено помала цена со попуст. Гледам да соберам средства, но никој не пушта средства и многу ми е тешко. Решив во Турција да одам зашто 20 и кусур дена треба да трае опоравокот и тројца доктори треба да бидат над мене. Кардиоваскуларен пластичен и анестезиолог. Најдов цена со голем попуст, која ќе ме чини само 10 проценти од реалната цена на операцијата во Турција. Барам да соберам 6 илјади евра за почеток, само за операцијата. Немам собрано ни 10 проценти. Колегите од работа само собираа пари и сум им многу благодарен. Немаат можеби граѓаните доверба, поради измамници. Отворив и сметка за кој колку може да сподели или да прати на некој што може да помогне. Денарската сметка е во Тутунска банка 210501557150846. Девизната сметка е во НЛБ Тутунска банка ИБАН код МК07210501557150846, свифт код ТутунМК22. Каде и да се одвива операцијата, дали во Македонија или во Турција, средства сигурно ќе ми бидат потребни, вели Апостолов за Слободен печат.

Од Фондот за здравство, за Слободен печат велат дека според Законот за здравствено осигурување, сите болести и состојби за кои има медицинска индикација и се изведуваат во Јавните здравствени установи, се на товар на средствата на Фондот.


,,Од информациите во вашиот мејл, не може да се заклучи дали ова осигурено лице се јавило во некоја од хируршките Јавни здравствени установи (Општи, Клинички болници или Универзитетски клиники) и му било кажано дека неговата состојба не може да се реши во соодветната ЗУ. Според тоа, за да може ова лице да си ги оствари правата според ЗЗО, потребно е со соодветен упат да се јави на преглед во некоја од ЈЗУ (во овој случај УК за пластична и реконструктивна хирургија или можеби УК за ТОАРИЛ- ортопедија), каде по прегледот Kлиниката ќе може да го утврди соодветниот третман (според медицина базирана на докази) и дали располага со опрема и стручен кадар истиот да се спроведе на клиниката. Клиниката може да го преупати пациентот до друга ЈЗУ доколку смета дека третманот не е од нивниот делокруг на работа. Доколку од објективни причини (недостаток на опрема или недоволно стручен кадар) третманот не може да се спроведе на Клиниката, таа издава конзилијарно мислење за лекување во странство каде се наведува дека третманот не може да се направи на Клиниката или во друга ЈЗУ, па осигуреното лице со тој документ може до Фондот да пополни и достави барање за лекување во странство, односно да ја започне постапката за лекување во странство. Доколку прво и второстепената комисија одлучи позитивно, Фондот издава Решение за лекување во странство со кое трошоците за лекувањето се на товар на Фондот. Осигуреното лице единствено плаќа законска партиципација не поголема од 200 евра во денарска противвредност”, велат од Фондот.

Слободен печат ќе продолжи да го следи развојот на случајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот