Скопското крило на голема врата се враќа во врвот на СДСМ

Димитар Ковачевски и Зоран Заев
Димитар Ковачевски и Зоран Заев / Фото: СДСМ

Новиот лидер, кој и самиот е од партиската општинска организација од Карпош, за свои најблиски соработници ги избра Лукаревска, Богоев, Зечевиќ, Маричиќ, Битиќи и Андрески, сите од Скопје. Само Костадиновски и Костадиновска Стојчевска се од Валандово, односно од Битола.

Централниот одбор (ЦO) на СДСМ вечерва ќе го потврди партискиот лидер Димитар Ковачевски за нов мандатар и ќе го избере новото раководство на партијата. Новиот владин кабинет пак, се очекува од ЦО да добие виза на 10 јануари, и следниот ден, на 11 јануари предлозите за новите минстри во владата, предводена од Ковачевски, да бидат доставени до претседателот на Собранието Талат Џафери, брифира за „Слободен печат” висок функционер од Владата. Новата влада Македонија ќе треба да ја добие до Водици, 19 јануари.

Според нашиот извор, Ковачевски за потпретседатели ќе ги предложи вицепремиерот Фатмир Битиќи од Скопје, пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од Битола, градоначалникот на Валандово, Перо Костадиновски, и ексградоначалникот на Карпош Стефан Богоев.  Од потпретседателските функции ќе се збогуваат Мила Царовска, Венко Филипче и Оливер Спасовски, кој утрово ја поднел оставката од потпретседател на СДСМ.

Андрески – организациски секретар?

Тројцата партиски секретари кои ќе ги предложи Ковачевски се од Скопје, и тоа Миле Зечевиќ за генерален секретар на партијата, директорот на Паркинзи – Центар, Вангел Андрески за организациски секретар, а Бојан Маричиќ останува на функцијата секретар за меѓународна соработка. Од функциите партиски секретари заминуваат Љупчо Николовски и Мартин Попов. Ова значи дека во раководството кое беше со поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, Ковачевски ќе ги задржи само Битиќи и Маричиќ. Сања Лукаровска останува заменик претседател на СДСМ, бидејќи таа е избрана на партиски конгрес.

Според ова, Ковачевски на голема врата го враќа скопското крило во најтесното партиско раководство. Новиот лидер и самиот е од општинската организација на СДСМ од Карпош, а во врвот на партијата од Скопје се и Лукаревска, Богоев, Зечевиќ, Маричиќ, Битиќи и Андрески.  Само Костадиновски и Костадиновска Стојчевска се од внатрешноста, односно од Валандово и Битола.

Партијата вечрва треба да го избере и новиот Извршен одбор, каде околу 60 отсто ќе бидат нови лица. Во Извршниот одбор се враќа и лекарот Андреј Петров, поранешен генерален секретар на СДСМ од владеењето на Бранко Црвенковски со партијата.

Ковачевски најави дека во ИО ќе кооптира нови лица, и тоа од различни профили, докажани општественици и професори, но и поранешни партиски кадри. Дел од ИО се очекува да бидат и деканот на факултетот за архитектура и дизајн, Мишко Ралев, како и Леонид Наков, професор на Економскиот факултет.

Игор Ивановски се враќа во „шема“

Игор Ивановски Шема, експратеник и поранешен кандидат за претседател на СДСМ, сега ќе биде предложен да раководи со новото партиско тело Совет за креирање и имплементација на политики.

Потврда од ЦО за Ковачевски да биде предложен за нов мандатар чека и шефот на државата Стево Пендаровски. Претседателот веќе изјави дека по заседанието на ЦО на СДСМ, утре најверојатно ќе му го довери мандатот на Ковачевски за состав на новата влада. По ова почнува да тече рокот од 20 дена во кој Ковачевски до претседателот на Собранието треба да ги предложи програмата и персоналниот состав на новата влада. Според информациите, по седницата на ЦО на 10 јануари, еден ден потоа до Собранието ќе бидат доставени новата програма и министерскиот состав за новата влада. Тогаш ќе биде појасно и дали, како што се најавуваше, повеќето од најтесното раководство на СДСМ ќе биде дел и од новиот владин кабинет.

Извесно е само дека во новата влада нема да бидат досегашниите министри Венко Филипче, Мила Царовска и Радмила Шекеринска. Маричиќ од ресорот правда се очекува да премина во евроинтеграции, а Битиќи останува вицепремиер за економски прашања. Очекувањата се дека во Владата ќе останат и Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот