Скопските градоначалници ќе поведат иницијатива за расформирање на „Комунална хигиена“

Скопскиот плански регион бара итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот со комуналната хигиена.

На денешната итна седница во врска со комуналната хигиена во рамките на Град Скопје, Советот на Скопскиот плански регион одлучи да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со „Комунална хигиена“, како и препорака со која се бара Градот Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување. Договорено е и да се покрене иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.

На седницата е донесен и заклучок со кој Скопскиот плански регион бара Владата, доколку проблемот не може да се реши на ниво на Градот, да се вклучи со сите ресурси и да помогне во надминување на оваа сериозна состојба.

Овие предлози беа изгласани од 12-те градоначалници кои беа присутни на седницата која се одржа во просториите на Општина Аеродром. На итната седницата на Скопскиот плански регион не присуствува шест градоначалници од 18, меѓу кои и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски.

Скопје се соочува со хаос и ние донесовме четири заклучоци од кои не отстапуваме и се надевам ќе има реакција. Она што ние го бараме е расформирање на „Комунална хигиена“ и нам да ни се предадат ингеренциите и механизацијата – рече градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека градоначалниците сметаат дека со помалку ресурси ќе овозможат поквалитетна услуга за она што го плаќаат граѓаните.

 Алармантно е да го оставите Скопје да тоне во отпад на вака високи температури. Никогаш во градот не се случило вакво нешто и за ова што денеска се случува некој треба да си понесе одговорност и денеска требаше да има депонирање на оставка, барем јас како одговорен политичар така би постапил – рече Ѓорѓиевски.

Притоа Орце ја покажа финансиската картичка за фактури што редовно стигале во Кисела Вода од „Дрисла“ на кои, како што рече редовно се плаќа, одговарајќи на обвинувањето на директорот на „Дрисла“ дека Општина Кисела Вода нема договор за депонирање отпад на депонијата.

Инаку, од ЈП „Дрисла“ денеска не дозволија да се депонира и сметот кој со неколку камиони беше донесен од Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот