Фото: Allan Swart / Panthermedia / Profimedia

Скандал во Данска: Татко на 197 деца има ген за рак, донирал сперма и во Македонија

Најмалку 197 деца ширум Европа се родиле од сперма на дански донор кој, без да знае, носел опасна мутација на генот TP53 – ген што е клучен за спречување на ракот, пишува Би-би-си.

Меѓу жените и децата кои се засегнати е и Македонија, се вели во сторијата.

Истражувањето на четиринаесет јавни сервиси во рамките на Европската радиодифузна унија ја открило оваа тивка трагедија, покажувајќи како една човечка клетка со генетска грешка можела да остави трага низ четиринаесет земји и речиси две стотини семејства.

Клеточна грешка, последиците се смртоносни

Мутацијата предизвикува Ли-Фраумени синдромот (LFS), редок наследен облик на рак што носи до 90% ризик од појава на малигни болести во текот на животот. Некои од децата веќе заболеле, а неколку починале. Донорот, студент кога започнал со донации во 2005 година, останал здрав бидејќи мутацијата не е присутна во сите негови клетки, но до 20% од неговите сперматозоиди ја носеле грешката во ДНК.

Проблематична банка на сперма

Спермата била продадена преку Европска банка за сперма во Данска и користена во 67 клиники низ континентот. Банката признала дека „во некои земји бројот на деца родени од истиот донор ја надминал дозволената граница“ и дека донорот е „веднаш блокиран“ по откритието.

Во Белгија, на пример, едно лице може да стане родител на максимум 6 семејства, но овој донор бил користен за 38 жени, кои родиле 53 деца.

Мајка од Франција, чија ќерка го наследила генот, изјавила дека „не чувствува омраза кон донорот“, но дека „неприфатливо е да се даде сперма што не била безбедна“.

Ограничени донации во неограничен број земји

Иако Велика Британија има ограничување од 10 семејства по донор, не постои меѓународен закон што би спречил продажба на истата сперма во различни земји. Половина од сперматозоидите во британските клиники се увезени.

Професорот Алан Пејси од Универзитетот во Манчестер предупредил:

„Не може да се тестира за сè. Ако критериумите станат построги, едноставно нема да имаме донори“.

Според она што го објави Би-Би-Си, спермата со генетска мутација била користена во:

Србија, Ирска, Исланд, Шпанија, Грузија, Грција, Германија, Македонија, Албанија и Унгарија.

Истиот скандал веќе ја потресе Европа

Во мај оваа година беше објавен сличен случај, кога беше откриено дека 67 деца се зачнати со истиот донор на сперма, а дека 10 од нив развиле рак.

Донаторот бил носител на ретка мутација во генот „TP53“, која подоцна била поврзана со синдромот Ли-Фраумени – една од најтешките наследни форми на предиспозиција за рак, објави Гардијан.

Во времето на донацијата во 2008 година, не се знаело дека мутацијата е канцерогена и не можела да се открие со стандардно тестирање.

Откритието се случило кога две семејства, чии деца развиле рак, независно контактирале со клиниките за ин витро оплодување.

Подоцнежните анализи покажале дека вкупно 23 деца ја наследиле мутацијата, вклучувајќи случаи на леукемија и Хоџкинова болест.

Реакции од Србија

Како што неофицијално дознава „Блиц“, Србија нема договор со Европската банка за сперма „Данко“. Тој договор бил планиран, но постојано се одложувал откако бил потпишан прелиминарниот договор.

Сперма на донатор со мутација што предизвикува рак зачнала најмалку 67 деца во Европа

Никогаш не сум донирал сперматозоиди во Македонија и тука немам деца, вели за „Слободен печат“ човекот со илјада деца, од документарецот на Нетфликс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот