Скандал како по евровизиски ноти

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Ако девојката е млада и неискусна, што е со луѓето што стојат зад неа? Зарем тие не требаше да ја подучат што треба да прави, како да се однесува, какви изјави да дава, како да се фотографира? Зарем тие не требаше да бидат веднаш зад неа, па да го земат знамето што толку ѝ пречеше при фотографирањето? Или мораше да бидат „навистина далеку“?

Нема година, а изборот песна за Евровизија во Македонија да не помине без скандал. Годинава вниманието, поточно гневот на јавноста го предизвика младата и досега непозната пејачка Андреа Коевска. Прво беше спорен нејзиниот избор за да ја претставува земјава на најпрестижното музичко шоу во Европа, а пред некој ден таа особено ги разлути Македонците со скандалозното фрлање на македонското знаме за време на фотосесијата во Торино, Италија. Е, сега, некои ќе кажат мало било знамето, не е важно тоа, но сепак, знамето е знаме, без оглед на неговата големина, тоа е национален симбол што мора да се почитува.

Граѓаните бурно реагираа на социјалните мрежи. На таков начин и со таков речник што секоја малку покултурна држава треба да се засрами од вакви настапи на тие што се претставуваат како патриоти и нејзини заштитници. Малку е да се каже дека претераа со пцостите и клетвите (за тоа се стручни).

Јасно е дека Андреа е млада, неискусна пејачка, која понесена од емоциите и еуфоријата направила можеби непромислен потег, но тоа никако не може да биде изговор за нејзиното однесување, на работ на скандалозно непочитување на националните државни симболи. Незнаењето, нели, не е оправдување. Андреа морала да знае дека на Евровизија ја претставува пред сè државата, а потоа самата себе. Секој нејзин потег, секоја нејзина изјава има особена тежина поради името кое го носи со себе и кое го претставува во Европа. Замислете ако секој спортист или уметник што настапува под македонско знаме надвор од границите на државата се однесува така како што нему му одговара, понесен од емоции и еуфорија.

Но, она што е интересно е што во нашата држава секое чудо поминува за три дена. Како и за сè друго, така и за ова нема никаква одговорност, пред сè од македонската делегација која е задолжена за претставувањето на Македонија на изборот на песна за Евровизија. Тоа е истата делегација од МРТ, која со години не се менува и која со години на државен трошок, со пари од граѓаните, не претставува во Европа. МРТ се огради од инцидентот што го предизвика Андреа, па дури и онака важно соопшти дека ќе ја разгледа можноста за нејзино повлекување и дека ќе побара одговорност од делегацијата, но ништо од тоа. Каде е одговорноста од тимот кој стои зад Андреа? Ако девојката е млада и неискусна, што е со луѓето што се грижат за нејзиниот настап, не само на сцената за пеење? Зарем и тие се млади и неискусни? Зарем тие не требаше да ја подучат што треба да прави, како да се однесува, какви изјави да дава, како да се фотографира? Зарем тие не требаше да бидат веднаш зад неа, па да го земат знамето кое толку и пречеше при фотографирањето? Или мораше да бидат „навистина далеку“? Како другите делегации не беа навистина далеку од своите претставници? МРТ очекувала Андреа да ѝ се извини на јавноста. Ете, ѝ се извини. И што постигна? Ништо.

Се огласија и од македонската делегација. Андреа во тоа брзање  го поттурнала знамето по килимот, но потоа гордо си го носела. Да не беше тажно, ќе беше трагично.

И очекувате некој сега да гласа за Андреа? Секако дека нема. Кој Македонец би гласал за неа? Од кого очекувате гласови? Или, како и секоја година, важно е да се учествува, важно е да се прошетаме, да се изнасликаме, а кого и што праќаме не е важно. За квалитетот во нашата држава одамна не се води сметка. И така целата е во кич и фушерај. Затоа и младите се однесуваат така како што се однесуваат. Домашно воспитување немаат, немаат чувство за национална припадност, бидејќи се научени дека во државава владее криминалот, корупцијата, полтронството. Дека не се вреднува трудот, не се цени потта. Целта се постигнува ако имаш врски. И се додека ова зло не се отфрли со згаденост, не можеме да очекуваме поинакво однесување, особено не од младите. Андреа е само парче од мозаикот наречен тажна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот