Сите се жалат од ВАР системот, на ред дојде и Емери!
Фудбалерите на Арсенал синоќа повторно ги разочараа своите навивачи откако загубија на гостувањето од Шефилд јунајтед со 1:0. „Топчиите“ беа големи фаворити, но овојпат покажаа лоши перформанси и на крајот го претрпе вториот пораз сезонава.
Одлучувачкиот момент се случи во 30. минута кога невнимателна беше одбраната на лондонскиот клуб, а тоа го искористи Мусе за триумф.
Арсенал во понатамошниот период имаше иницијатива и посед на топката, но играчите на менаџерот Унаи Емери делуваа безидејно на теренот и не можеа посериозно да се заканат кон голот на Хендерсон.
https://twitter.com/ProudlyAustin/status/1186394552338391041
Големи критики после поразот доби стратегот кој повторно „експериментираше“ со почетниот состав. Но, шпанскиот стручњак мисли дека неговиот состав одиграл добар натпревар и дека не заслужил пораз.
Вели дека главниот судија Мајк Дин не досудил чист пенал за неговиот тим.
– Со ВАР кој сега го имаме, фаулот врз Сократис мораше да се погледне. Беше тоа чист прекршок и пенал. Не заслуживме да загубиме и мислам дека од сето ова може да ја подобриме својата игра – рече Емери после натпреварот.