Симон Трпчески на прес-конференција/Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Симон Трпчески пред концертот во Скопје: Моите деца избројаа, сум свирел во 52 земји за 25 години

Македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески ќе прослави 25-годишен јубилеј со концерт на 20 декември во Арената „Борис Трајковски“, кој го организира „Прагма продукција“ во соработка со Националната опера и балет.

Симон Трпчески на прес-конференција/Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Трпчески на прес-конференцијата во Скопје рече дека концертот ќе биде новогодишна латино-музичка идила. Акцент ќе биде ставен на латино теми во новогодишен дух и аранжирани за голем оркестар со кој ќе диригира маестро Сашо Татарчевски.

– Овојпат нема да откривам многу за гостите, ќе остане да биде новогодишно изненадување за публиката – рече Трпчески, кој на ланскиот концерт во истата сала запеа во дует со својата ќерка Лара.

– На моите деца дома им дадов задача која беше воедно и час по географија. Тие ги запишуваа земјите во кои сум настапувал за овие 25 години и избројавме 52 земји. По Нова година ќе одморам дома и сакам да направам една вечера за моите пријатели – рече пијанистот низ насмевка.

Симон Трпчески на прес-конференција/Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

За него, успехот на светско ниво се должи на посветеноста и на сериозноста. Трпчески рече дека е сѐ во добрата организација. Тој најави дека на концертот ќе настапи ансамблот „Македонисимо“, Оркестарот на НОБ, концерт-мајсторот на Оркестарот, Климент Тодороски и уште неколку гости. Во првиот дел од концертот ќе се изведат дела од композитори од Латинска Америка, како и дела инспирирани од Латинска Америка, а во вториот дел македонски дела, во аранжман на Панде Шахов, кој ќе дојде од Лондон за концертот.

Симон Трпчески на прес-конференција/Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Менаџерот Кристијан Стефановски од продукција „Прагма“ рече дека му е голема чест што по вторпат организираат концерт на местро Трпчески и им се заблагодари на медиумите за поддршката за македонската музика која е сега најпотребна.

Диригентот Сашо Татарчевски рече дека секојпат кога ја дели сцената со Симон Трпчески е ново доживување.

– Имам трема кога свирам дома. Но, дома е дома, свириш пред свои луѓе, поубаво е, има топлина – додаде Трпчески, кој новата концерна сезона во јануари во 2026 ќе ја почне со концерт во Торино, а го чека полна агенда во Европа, Америка и Азија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот