Силјановска Давкова: Како претседател ќе ги помилувам осудените за 27 април, ме погоди судбината на Јане Ченто

Гордана Силјановска Давкова на митинг во Струга/Фото: Скриншот

Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова пред стружани вечерва ги презентираше своите програмски определби доколку на престојните избори биде избрана за претседател на државата.

-Ние имаме намера и јас од претседателската функција да направам пристојна функција, одговорна функција која ќе ја претстави Македонија како горда држава, како европска држава. Дали е тоа сега така, не верувам. Ќе бидеме горди на Македонија, и се разбира на Струга ако имаме држава која е стандардна, држава која е средена, држава која е втемелена во владеењето на правото. Со судство кое е зависно, судии кои се во длабока спрега со партиски и олигарски групи и не судат според законите. Со администрација која е преполнета со партиски послушници и партиски војници не можете да градите правна држава, рече Силјановска Давкова.

Таа вети дека по изборот ќе биде во постојан контакт со граѓаните, ќе биде одговорен претседател кој ќе комуницира со граѓаните и како што рече, таквиот претседател Македонија ќе ја направи горда.

-Не се оди надвор без консензсус, не се оди надвор без исцртани линии, без утврдени национални и државни интереси. Првата работа која ќе ја направам е, да воспоставам континиуран контакт со граѓаните, кој го нема по заминувањето на претседателот Иванов, да го институционализирам тоа. Да се остварува контакт со граѓаните во народните канцеларии, може да биде мобилни и преку интернет, нагласи Силјановска Давкова.

Таа најави дека ќе ги помилува осудените за насилството во собранието на 27 април.

-Потребно е некогаш во името на правдата, етиката претседателот некогаш да се одважи во една кочница во однос на судот што се вика помилување. Кај нас не се користело кога треба или се злоупотребало кога не требало. Јас тоа ќе го направам за обвинтетите од 27 април.  Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век и во современа Македонија. Ги истражив случаите, таму никој не посегнал по сила, тие кои посегнаа по сила се надвор на слобода. Дали е тоа правда? Замислете да биде обвинети за организирање терористички закани и рушење на уставниот поредок на Македонја. Да имаше таква закана ќе ја чувствувавме до ден денеска ако имаше таква закана.Не, ја измислија, сите знаеме зошто. Може ли и да има почит за држава во која обвинетите добија над 200 години казни. Тогаш ние сме најтерористичката држава во Европа. Не можете да биде горди на такви судии, обвинители, таква правда, рече Силјановска Давкова.

Таа се осврна и на правото на претседателот да предлага членови во Судскиот совет и на Уставниот суд со што, рече ќе го врати угледот и достоинството на овие две институции.

“Што може да стори претседателот или претседателката за судот? Многу … Има таму еден орган кој што се нарекува Судски совет, ама повеќе е партиско или политичко тело одошто е независно судско тело кое треба да внимава за квалитетот на судиите кое треба да ги разрешува судиите кога нема да бидат квалитетни и кога нема да се водат според принципот на уставноста и законитоста. И, замислете! Се сеќавате ли за кого беа врзани сите скандали во ова тело? За претседателката, за потпретседателот, првата беше член на партиската комисија за право на СДСМ, а вториот беше, исто така, член на ДУИ. Наместо театар на апсурдот, наместо граѓаните да имаат страв од таканаречениот Судски совет, кога двајцата претставници на претседателот, на претседателката би биле врв во правната професија, во правната етика, тогаш луѓето би го доживувале судот како бранител на нивните слободи и права. Забележете и запомнете, моите претставници во Судскиот совет ќе бидат врвни правници, персонификација на правото и правдата, а не на партиската послушност.

-Во Уставниот суд треба да седат двајца судии или две судијки, предложени од претседателот, односно од претседателката. Тие треба да бидат врвот во правната професија, да го имаат угледот, да зрачат со достоинство и знаење. Тогаш Македонија ќе биде горда на Уставниот суд кој што во многу држави е еден од најважните фактори на демократизацијата на политичкиот систем.”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот