Сиљановска Давкова го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка
„Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка“, соопшти вечерва кабинетот на претседателката.
Препорачано
Славески е професор на Економскиот факултет, долгогодишен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии во владата на Никола Груевски. Во моментов, Славески ја извршува функцијата претседател на Советот на Град Скопје.
„При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, се вели во соопштението.
Името на кандидатот за гувернер кој ќе ја добие поддршката од Сиљановска Давкова беше предмет на повеќедневни натегања во јавноста, а се шпекулираше и со имињата на актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежовска, како и на поранешниот министер за финансии, Зоран Ставревски. Гувернерот се бира со мандат од седум години, а кандидатот треба да добие мнозинство од гласовите во Собранието.


