Шукова: Скопје ќе добие модерен и еколошки јавен превоз, БРТ – системот ќе превезува над 65.000 патници дневно
Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, вели дека најголем приоритет во нејзината програма е воспоставувањето на БРТ-системот, кој е брз и еколошки јавен превоз и кој ќе го реши сообраќајниот метеж и загадувањето на воздухот во Скопје.
Препорачано
Таа во интервју за емисијата „360 степени“ зборуваше за досега најзначајниот инфраструктурен проект во главниот град.
„Скопје мора да има јавен превоз кој навистина функционира. Проектот за БРТ е подготвен, средствата се обезбедени и првата линија, од Ѓорче Петров до Аеродром, долга 13 километри со 21 станица, може да биде готова најдоцна до почетокот на 2028 година“, изјави Шукова.
Таа додаде дека БРТ-системот ќе овозможи превоз на над 65.000 патници дневно, со нови, еколошки автобуси кои ќе се движат на секои неколку минути.
„Со ова решение, Скопје ќе добие јавен превоз каков што му доликува на модерен европски град – без застои, без загадување и со чиста мобилност достапна за сите“, додаде Шукова.
Таа најави дека паралелно со изградбата на првата линија, ќе се подготви и втората траса север–југ, со што ќе се поврзат сите делови на градот, а секоја година ќе се набавуваат нови еколошки автобуси за надградба на системот.
„Ова е проект што ќе го промени Скопје засекогаш – ќе му даде нов пулс, побрз ритам и почиста иднина“, порача Шукова.


