Шукова најави воспоставување баланс во урбаниот развој меѓу јужниот и северниот дел на градот
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, денеска ја претстави својата визија за урбаниот развој на главниот град, која се темели на одржливост, рамномерност и хуманост. Клучна цел на нејзината програма е пренасочување на развојот кон северниот дел на градот, давање приоритет на луѓето пред автомобилите и масовно зазеленување.
Препорачано
„Мојата визија за Скопје се гради на инклузивен раст, отпорна инфраструктура, достапни јавни простори и ефикасен транспорт. Новиот Генерален урбанистички план ќе се темели токму на овие постулати – град што се развива со луѓето, за луѓето“, изјави Шукова.
Една од најголемите цели рече таа е воспоставување баланс во урбаниот развој, кој досега бил неконтролирано насочен кон јужниот дел.
„Неконтролираната градежна експанзија јужно од Вардар ја надмина инфраструктурата и го ’задуши’ градот. Затоа ќе се фокусираме на развој на нови станбени населби северно од реката Вардар, каде што ќе се вложува во нова инфраструктура, со што ќе се привлечат инвестиции и ќе се обезбеди рамномерна урбана слика“, рече таа.
Шукова најави промена во приоритетите во сообраќајот – пешаците и велосипедистите ќе бидат на врвот на сообраќајната пирамида.
Таа најави претворање на центарот на Скопје во пешачка зона, додека новите булевари на северот ќе обезбедат подобра поврзаност исток-запад, без да се зголеми притисокот врз градското јадро.


