Штрајкбрехерите го засенија штрајкот на наставниците

Првачиња
Фото/ Драган Митрески

Најрадосниот ден за првачињата, почетокот на учебната година денеска падна во сенка на предупредувачкиот штрајк кој се одржува во организација на СОНК. И додека СОНК со денови го најавуваше штрајкот, Министерството за образование и наука во соработка со директорите на училиштата упорно ги повикуваа родителите да ги донесат децата во училиште, за што дури се подготвуваа и забави за пречек на првачињата.

Ваквите штрајкбрехери, може и да се каже дека успеaја во намерата ако се земе предвид фактот дека во најголем број од училиштата денеска се работеше.

Во основното училиште „Наум Наумовски Борче“, во општина Гази Баба најнапред најавиле штрајк, за потоа да се премислат, по што денес ги повикале родителите да ги однесат децата во училиште, сведочи мајка на првооделенец, додека пак во „Стив Наумов“ настава не се одржала.

Свечен прием на првачиња денеска имаше и во новоизграденото училиште во општина Центар, „Киро Глигоров“, каде на учениците добредојде им посака градоначалникот Саша Богдановиќ. Тој изјави дека школската година во сите училишта почнала најрегуларно.

„Децата беа примени, а беа присутни сите наставници и останатиот персонал“, истакна Богдановиќ.

прв училишен ден во општина Центар
Фото/ Драган Митрески

Свечен прием имаше и во „Петар Поп Арсов“ во општина Карпош, каде што првачињата ги пречека градоначалникот Стефан Богоев, додека градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски присуствуваше на првиот училишен час во ОУ „Тихомир Милошевски” во Ново Село. Во Ѓорче, учебната година започна во пет училишта, додека во „Мирче Ацев“ се штрајкуваше. Од општина Кисела Вода добивме информација дека и покрај штрајкот на дел од просветните работници, првиот училишен ден во осумте општински основни училишта, за околу 5.000 ученици започнал без пречки.

прв училишен ден во општина Карпош

 

прв училишен ден во Ѓорче Петров

Екипата на „Слободен печат“ денеска го посети ОУ „Јан Амос Коменски“, каде што затекнавме родители и деца кои потврдија дека присуствувале на првиот училишен час, по што се упативме во „Христијан Тодоровски – Карпош“, каде што затекнавме штрајк. Претседателот на синдикалната организација во училиштето Витомир Лазаровски, кој воедно е и претседател на штрајкувачки одбор, не информираше дека штрајот се одвива без проблеми и притисоци.

„Денеска дојдоа само три првачиња со своите родители, но откако им беше кажано дека наставата нема да се одржи се вратија назад“, рече Лазаровски, и додаде дека очекуваат бенефит од денешниот штрајк.

И во прилепските основни и средни училишта денеска имаше штрајк. Првачињата беа примени, а нивните родители се известени дека наставата официјално ќе почне од утре, додека регионалниот одбор на Синдикатот за образование и наука и култура за Тетово информира дека во сите 30 училишта каде наставниците се членови на синдикатот, непречено го одржуваат предупредувачкиот штрајк.

Во Кавадарци дел од учениците беа примени на првиот училишен ден во основните училишта, дел пак беа вратени поради штрајк на наставниците, исто како и во Битола.

И додека наставниците штрајкуваат, министерот за образование и наука Арбер Адеми, при денешната посета на ОУ „Лазо Ангеловски“ рече дека нема потреба од штрајк бидејќи, како што нагласи со СОНК имаат коректен и конструктивен социјален дијалог.

Од утре наставата почнува да се одвива вообичаено, но барањата на СОНК за повисока плата  и понатаму остануваат.

БОНУС ВИДЕО:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот