Што знае Mарко што се 64 километри?!

Во 1988 година, 11-годишниот Тoм Грегори стана најмладиот пливач што го препливал Ламанш. Му требаа речиси 12 часа за да совлада 50-ина километри. И ден-денес ја носи титулата најмлад пливач што го препливал каналот, зашто тамошната Пливачка асоцијација, која издава дозволи за овие обиди, веднаш потоа ја ограничи минимална возраст за сите вонаби-маратонци, прво на 12 години, а во 2000 година и на 16 години. Грегори лани, 30 години по „подвигот“, напиша книга во која вели дека целиот потфат бил грешка. „На моменти задремував, халуцинирав, болката во рамото и колкот ме доведуваше до агонија,“ напиша Грегори.

Лани, на Голема Богородица, рекордер според возраста, како најмлад пливач што успеал да преплива 30-ина километри од Свети Наум до Охрид, стана тогаш 12-годишниот Марко Пејчиноски, момче болно од инфаркт на коските. Го поздравија граѓаните на социјалните мрежи, медиумите, институциите. Марко беше примен од експретседателот Ѓорге Иванов, доби „Златна бубамара “, плакета од градот Охрид, а од Агенцијата за млади и спорт 100.000 денари (што е спорно од психолошка гледна точка при воспитување спортист во развој). Сите молчеа за евентуалните последици по здравјето на Марко што може да ги предизвика „подвигот“. Молчев и јас поради стравот да бидам погрешно сфатен, зашто настанот беше организиран од невладина организација, со цел да се подигне свеста на општеството во борбата за здравјето на децата со ретки болести. Згрешив! Зашто, ако нештата не се запрат навреме, еуфоријата тргнува како лавина удолу, со удвоени желби. Од 30 на 64!

Нашето општество, наместо да созрева, да учи од туѓите искуства и да воведува светски стандарди, се движи во обратен правец. Пред две децении, како претседател на Кошаркарскиот сојуз, Леонид Гајдаџиев, својот тогаш деветгодишен син Никола го „фрли во оган“, односно на терен, на прволигашки меч против горостасите поголеми од него половина метар и потешки 100 килограми. Молчеа сите – од Федерацијата, спортските, социјалните и здравствените институции. И, ако во меѓувреме помисливме дека работите одат кон подобро (Македонија осуди жена што злоставуваше бебе, а тазе е случајот во кој на родителот привремено му беа одземени децата поради тоа што ги заклучил во автомобил), нѐ демантираше обидот на годинава 13-годишниот Марко. Спроти Голема Богородица, Пејчиноски скокна во Охридското Езеро, со цел да преплива 64 километри (Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид) за 24 часа!? За негова среќа, по речиси пет часа во вода и испливани неполни 12 км, се откажа. Според неговите зборови по откажувањето, во намерата го спречила големата болка, а имало и бранови и струења, така што се чувствувал дека еден час пливал во место. Тој, сепак, додаде дека нема да се откаже од намерата догодина да ја преплива истата патека. И покрај сѐ, повторно е устоличен во „херој“. Нема откажување, врескаат сите на социјалните мрежи во еден глас што не препливале 64 метри без пауза на половина пат, легнати на грб.

Пред три години, според неговите зборови, на Марко требало да му бидат оперирани тестисите, но добил и инфаркт на колкот. „Оттогаш до ден-денес не смеам многу да трчам, но тоа не ме спречува во намерата да го препливам езерото“, изјави тогаш Пејчиноски. За пливање маратон, се чини, не му рекле ништо. А требаше!

Требаше да му кажат дека потрошувачката на енергија за време во пливањето е четирипати поголема отколку при трчањето на исто растојание. На енергетските потреби на телото влијае и хипотермијата (загубата на телесната температура), која е петпати поголема во вода отколку во воздух. Водата е добар проводник, што е најизразено кај деца: нивната површина на телото е најголема во однос на телесната маса, што бара дополнителна енергија за да се загрее. Здрави деца за еден час пливање во идеални услови трошат 420 калории за еден час. Тоа значи дека Марко би потрошил околу 10.000 калории во планираните 24 часа пливање. За споредба, најдобриот спортист на сите времиња (28 олимписки медали), пливачот Мајкл Фелпс, за да ги издржи ПЕТЧАСОВНИТЕ секојдневни напори на тренинзите, внесувал 10.000 до 12.000 калории дневно. Колку ли внесувал Марко?

Во случајот со малиот Гајдаџиев преамбициозен беше таткото, денес, што е недозволиво, преамбициозно е општеството. Добиваше поддршка да исплива од оние што требаше да го заштитат неговото здравје: родителите, институциите, лекарите, Федерацијата…

Дали министерката Мила Царовска, задолжена за социјална политика, наместо преку ФБ да го поддржува потфатот требаше да си го постави прашањето што лебди во воздухот: да не е малку многу 64 километри? Дали Пливачката федерација на (Северна) Македонија (ова во заградата е поради тоа што имаме две федерации, едната валидна според ФИНА и МОК, другата според АМС и Централниот регистар), која го поддржуваше маратонот, го знае правилото на ФИНА, чија членка е, дека минималната возраст за маратони од ДЕСЕТ километри е 14 години? Дали невладината организација не можеше да изнајде побезболен начин, дури и со Марко како фронтмен, за да постигне повеќе во борбата за лекување на децата со ретки болести?

Во целата папазјанија, некој е, сепак, санкциониран. Таткото на Марко бил казнет со 300 евра, бидејќи кајчето со кое го следел лани било нерегистрирано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот