Што прави денеска – проф. м-р Даница Стојанова, пијанистка

Иако сакам да поспијам подолго, сепак ги сакам раните утра, тие ми се како ново ветување, раскажување, исполнување, подвиг. Нов ден, нова нафака!

Денот ми почнува со лажица слатко, вода и турско кафе без шеќер, ова трае со години, да не речам од како знам за себе. Брза сум во спремањето за излегување од дома, додека возам накај работа се преслушувам што сѐ денес треба да направам… Списокот е секогаш многу долг, но крајно секогаш успешен.

Како уметница и професорка сум благословена, нашата работа со деца е бесценета, претставува бескрајна радост, придонес и добробит за општеството како културна заедница. Во моментов сум директор на најголемиот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, оттука обврските ми се уште поголеми, но успевам зашто имам јасна визија и голем професионален интегритет.

Од дете сум во Центар (училиште, факултет, работа), па кога имам време убаво ми е да испијам кафе кај Бране во „Пелистер“, да каснам еден локум од „Ригара“, да запалам свеќа во „Св. Димитрие“ и со сите по еден другарски поздрав.

Дневно имам доста средби, разговори, решавање на состојби, специфичен период е со коронавирусот, па работните активности и одговорности се зголемени. Телефонот постојано ѕвони, одговарам, зборувам, се расправам, се смеам, од сѐ по нешто и тоа трае сѐ до моментот кога на телефонскиот екран ќе ми се јават Славица и Кристина, моите тригодишни внуки, и ќе ми кажат: „Тета Данииии, кај си ти?“ Бесценето. Љубов и љубов, тоа е таа енергија. Тука е и малиот тримесечен Петар.

По секојдневниот градски хаос, критики, незадоволства околу мене, обожавам да седнам со пријателите на салата и една жолта по можност во стара кафеана (како велиме, биртија) таму е сѐ највкусно и највесело.

На враќање дома, пред зграда ме пречекуваат двете убавици, кучките Џина и Белка, кои од далеку ми го препознаваат автомобилот и ме дочекуваат со искрена и верна радост, мавтаат со опашките, скокаат, по две-три виршли секој ден, задолжително ги хранам.

Денот ми продолжува со секојдневно вежбање пијано, тоа е мојот живот, мојата прва и најсилна љубовна приказна.

Навечер секогаш читам и слушам доста различни музички изведби од многу уметници, мислите ми се секогаш креативни и во правец на „како за подобро утре, што можам јас да направам и да бидам подобра од денес“. Легнувам доцна, секогаш по еден или два часот по полноќ (тоа е една од моите најлоши навики, за жал) и се обраќам на единствениот: „Господе, ти благодарам за овој ден, чувај ми ги најмилите. Амин“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот