Што прави денеска: Бобан Тодоровски, професионален шминкер и фризер

Фото: Приватна архива

Бобан Тодоровски има 28 години, живее и работи во Скопје како професионален фризер и шминкер, а од неодамна е сопственик на новоотвореното студио „Bob Cut Experience“ во срцето на главниот град.

Неговата успешна приказна започнува скопското средно училиште „Димитар Влахов“ како козметички техничар, а по средното образование одлучува да го усоврши својот занает на Академија за шминка во Белград. Десетгодишното професионално искуство во оваа работа го надградува секојдневно, а секој нов ден е нов предизвик и нова креативна авантура за него.

Фото: Приватна архива

Бобан ни долови како изгледа еден негов ден…

„Се будам помеѓу 7 и 9 часот, но најважно ми е да бидам спиен барем 8 часа. Осум часа сон ми се доволни за секојдневните обврски да ги завршам со полна енергија. Првото нешто што го правам е тегнење и будење на телото на јога мат. 20 минути ми се доволни да ги наполнам батериите со позитивни искри.

Утрото го чувам себично за себе. Еден стих од Ацо Шопов вели вака: „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече…“. Затоа сакам кога сум, би рекол, сам со себе, ретки се тие моменти, зашто навистина не секогаш можам да си го дозволам тој луксуз, но го посакувам понекогаш за да можам да видам до каде сум.

Фото: Приватна архива

Следно е музиката. Музиката ја доживувам како лек за душата, а каква музика слушам зависи од моето расположение тоа утро. Голем фан сум на македонска музика бидејќи со тоа сум растен. Сакам тажни, но и весели песни. Звук на гитара и добар вокал или настапи во живо се секогаш во игра.

Фото: Приватна архива

Појадокот не ми е многу значаен, но кафето ми е неопходно. Следува проверка на дневните обврски помеѓу креативната работа и дружењето со пријателите.

Фото: Приватна архива

Вториот дел од денот го посветувам на работата во моето студио. Сакам да сум со моите клиенти, тоа е една прекрасна енергија и љубов што си ја разменуваме меѓу себе. Мојата мисија е да ги направам што е можно посреќни, со тоа и јас сум исполнет на крајот од работниот ден. Специјалност ми се креативни шминкања и фризури. Богатото искуство во рекламни кампањи, видеоспотови, фестивали и фотосесии ми го диктира темпото во еден работен ден. Секој ден на работа ми е сосема различен, знае да се случат ангажмани кои понекогаш траат и по 30 часа активна работа, на пример, ако снимаме видеоспот, но искрено тоа е тоа што мене ме исполнува бидејќи работата ја гледам со љубовни очи.

Фото: Приватна архива

Бидејќи спортував одбојка шест, години тој спортски дух сè уште го имам и кога сум надвор од работното темпо, слободното време го заменувам со спорт, возење велосипед или рекреативно време поминато на планина, таму можете секогаш да ме најдете. Исто така сум голем гурман, живеењето сам ме научи на многу домаќински задачи како што е готвењето итн. Тука се ослободувам од стресот и се запознавам себеси преку експериментирањето со различни вкусови на храна.

Фото: Приватна архива

Третиот дел од денот го посветувам на себе и саканите. Дружењето со најблиските ги полни „моите батерии“ со позитивна енергија. Нема ништо поубаво од тоа да си со оние што ги сакаш, оној мал круг на искрени пријатели кои љубоморно ги криеш и чуваш само за себе. Смеата е лек за сѐ, а доколку сето ова се комбинира со некој добар коктел, не барам ништо повеќе.

Фото: Приватна архива

И за крај денот го завршувам со серија или филм. Во последно време барам „жртви“ за во кино, тоа е нешто што сакам да го правам овој период од годината. Во замена за тоа слушам онлајн едукации поврзани со мојата професија. Најдобро учам додека сите спијат, тоа ми остана од средно училиште како навика.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот