Што ли крие Иран? Техеран не ги пушти меѓународните инспектори да ги проверат бомбардираните нуклеарни објекти
Извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) нагласува дека агенцијата „не може да потврди дали Иран ги има суспендирано сите активности поврзани со збогатување“, ниту, пак, „големината на иранските залихи на ураниум во погодените нуклеарни објекти“.
Иран не ѝ дозволил на нуклеарната агенција на Обединетите нации пристап до своите нуклеарни објекти што беа бомбардирани од Израел и од САД за време на 12-дневната војна во јуни, се наведува во доверлив извештај на надзорното тело, доставен до земјите-членки, објави „Асошиејтед прес“.
Препорачано
Извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) нагласува дека агенцијата „не може да потврди дали Иран ги има суспендирано сите активности поврзани со збогатување“, ниту, пак, „големината на иранските залихи на ураниум во погодените нуклеарни објекти“.
Иран има четири пријавени постројки за збогатување, но поради недостигот на пристап МААЕ „не може да обезбеди информации за моменталната големина, состав или локација на залихите на збогатен ураниум во Иран“.
Во извештајот се предупредува дека „губењето на континуитетот на знаење… мора да се реши со најголема итност“.
Разузнавањето го демантира Трамп: Иран сè уште е далеку од ракети со интерконтинентален дострел
Иран долго време тврди дека неговата програма е мирољубива, но МААЕ и западните земји велат дека Техеран имал организирана програма за нуклеарно оружје до 2003 година. САД се обидуваат да постигнат договор со кој би се ограничила иранската нуклеарна програма и би се осигурало дека земјата нема да развие нуклеарно оружје.
Иран ја известил МААЕ дека поради закани и „акти на агресија“ редовните механизми за контрола повеќе не се одржливи, а соработката била суспендирана по војната со Израел, иако Техеран е обврзан на тоа според Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Сепак, инспекторите добиле ограничен пристап до нуклеарните објекти што не биле погодени од нападите, со исклучок на електраната во Карун која е во изградба.
Според агенцијата, Иран располага со 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти – ниво блиску до она потребно за изработка на нуклеарно оружје, што теоретски би можело да овозможи производство на повеќе боеви глави, иако нема докази дека такво оружје е развиено. Ваквиот материјал, според правилата, треба редовно да се проверува.
ВИДЕО | Аракчи: Преговорите со САД беа меѓу најсериозните што сме ги имале досега
Поради недостиг од директен пристап, МААЕ се потпира на сателитски снимки, при што е забележана активност околу постројките во Исфахан, Натанц и Фордо, но без можност да се утврди природата на тие активности.
Во меѓувреме, генералниот директор Рафаел Гроси учествувал во новите разговори меѓу САД и Иран во Женева, кои продолжуваат без постигнат договор.
Третата рунда преговори, со посредство на Оман, завршила без резултат, додека Вашингтон задржува значително воено присуство во регионот.
Техничките разговори треба да продолжат во Виена, а МААЕ се очекува да има клучна улога доколку се постигне договор.
Иран и понатаму тврди дека неговата програма е мирољубива и одбива да го запре збогатувањето или да ги предаде залихите.


