Премиерот Санчез е убеден дека ќе победи - Фотографија Profimedia

Шпанија пред избори: И гласините за измама се адут во кампањата

Аналитичари предупредуваат дека сѐ уште е рано да се исклучи од комбинациите актуелниот премиер Педро Санчез, кој многупати во својата кариера изненадил со успех кога бил „отпишан“

Предизборната кампања во Шпанија кулминира со афера за измама, која молскавично се прошири по социјалните мрежи и уште повеќе ја подели јавноста.

Најжестоки споделувачи на гласините се симпатизерите и членовите на опозициските десничарски партии – умерената Народна партија и екстремната Вокс. Иако анкетите укажуваат дека десницата е пред победа, токму десничарите создаваат клима во која би можеле да ги отфрлат резултатите, ако не се во нивна полза. Оваа тактика е речиси сеприсутна, откако со неа се послужија американските републиканци зад Доналд Трамп и бразилските популисти зад Жаир Болсонаро. Тактиката не им помогна на Трамп и на Болсонаро да ги поништат изборните порази, но во САД избувна општ бунт и се случи насилен упад врз Конгресот, сериозно загрозувајќи ја стабилноста на државата.

Во Шпанија се очекува победа на Народната партија и пораз на владејачкиот левичарски блок на Социјалистичката работничка партија и нејзиниот екстремен партнер Подемос. Социјалистичкиот премиер Педро Санчез ги побара предвремените избори по големиот пораз на неодамнешните локални и регионални избори, кои исто така се одржаа под притисок од кампања полна со дезинформации и лажни вести, како и ширење омраза против муслимани и имигранти.

Народната партија, барем според анкетите, нема да освои доволно пратенички места за да владее самостојно, поради што ќе мора во владата да ја вклучи поекстремната Вокс. Тоа ќе го прошири бројот на европски земји во чии влади има и екстремисти.

Аналитичари предупредуваат дека сѐ уште е рано да се исклучи од комбинациите актуелниот премиер Педро Санчез, кој многупати во својата кариера изненадил со успех кога бил „отпишан“. Првиот потег на Санчез по убедливиот пораз на социјалистите на локалните избори во мај беше да распише предвремени избори, изненадувајќи ги дури и политичките противници. Изборите беа закажани за во декември, но ќе се одржат сега, среде најтоплиот бран во Шпанија.

Санчез ги стави на испит пред јавноста двата столба на неговата влада – зелената револуција, за која има огромна поддршка од Европската Унија, и напорите за надградување на правата на жените и на малцинствата, пред сѐ на припадниците на ЛГБТ-заедницата.

Неговиот главен политички противник Нуњез Феихо, лидерот на Народната партија, возвраќа дека Санчез „би направил и би кажал сѐ само за да остане на власт“, но не е во постојана офанзива.

На 51-годишниот поранешен кошаркар и професор по економија Санчез веќе се докажа и како вешт политичар. Само една година откако се воздигна до позицијата генерален секретар, тој ги водеше социјалистите до власта преку неочекувана патека – преку првото гласање недоверба на влада во Шпанија по падот на диктатурата. За да ја задржи премиерската позиција тој во 2019 година ја создаде првата владејачка коалиција по половина век.

– Најголемиот талент на Санчез е чувството кога да зграпчи можност. Чудо е колку мала полза тој може да извлече од тоа – смета политичкиот аналитичар Хозеп Рамонеда.

Тој додава дека Санчез е слаб говорник и не може да ја привлече довербата од граѓаните.

– Никој не знае зошто. Има многу фактори, а еден од нив е елитистичкиот тон. Тој е, дозволете ми да оценам, премногу згоден за да биде премиер. А, има и нешто друго. Тој не е способен да го издржи авторитетот – изјави Рамонеда за Асошиетед прес.

Уште од првите денови на премиерскиот мандат, Санчез се истакна со политички ризични потези. Прво нареди симболично да биде отстрането телото на диктаторот Франсиско Франко од мавзолејот отворен за јавноста, што предизвика бурни реакции и дебати. Тој беше и првиот премиер што во својот кабинет претстави повеќе министерки од министри, а назначи и три вицепремиерки – за економија, за енергетика и за вработување.

Шпанскиот премиер веројатно е попопуларен во Брисел отколку во Мадрид. Тој е цврст поддржувач на политиките на Европската Унија и ѝ е сојузник на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, иако таа им припаѓа на европските конзервативци.

Сантијаго Абаскал, лидерот на Вокс – Фотографија ЕПА, Фернандо Вилјар

На пандемијата на ковид-19 Санчез реагираше со најостри мерки во цела Европа, со агресивна финансиска помош за погодените фирми и граѓани и со кампања што ја направи Шпанија водечка во светот според процентот на вакцинирани жители.

На економскиот фронт тој протурка големи буџети, ги обнови политиките за пензиите и социјалната помош, а ја убеди Европската Унија да прифати отстапки за Шпанија во нејзината борба против корупцијата. Од европскиот фонд за помош поради пандемијата обезбеди 140 милијарди директна помош и кредити, кои ги вложи во генерирање енергија од обновливи извори. Тоа овозможи економијата на Шпанија да расте стабилно и да отвора нови работни места, наспроти континенталните последици од руската воена интервенција во Украина.

Проблемите за лидерот на социјалистите почнаа со партнерството со ултралевичарската Унидас подемос. Во кампањата Санчез изјави дека „нема да спие добро ако луѓе од Подемос завршат на важни министерски функции“.

На неговиот рејтинг негативно се одрази и еден од најголемите успеси – смирувањето на тензиите со Каталонија преку отворањето дијалог со сепаратистите и помилување на девет осудени сепаратисти. Тоа беше протолкувано како „купување гласови“ во Каталонија и во Баскија, што се потврди и на регионалните избори.

Санчез сега повеќе им верува на своите способности да изненади кога е најтешко отколку на предизборните анкети.

– Ќе победам на овие избори. Убеден сум дека ќе победам – тврди социјалистичкиот премиер.

Тензичниот телевизиски дуел перфектно ги отслика престојните избори во Шпанија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот