Шкендија е македонски клуб, сакала-нејќела

Тетовскиот клуб е со доминантно албанска навивачка база, играчки и друг кадар, но сепак е фудбалски првак на Македонија, својата афирмација ја остварува преку македонската лига, што овозможува и излез во Европа. Шкендија немаше да е таму каде што е сега, да не беше национален првак на – Македонија!

Навистина е фрапантно и навредливо однесувањето на македонскиот првак Шкендија, која во најава за меѓународен меч преку социјалните мрежи се претставува како клуб од Албанија?!

Дуелот од Конференциската лига со Дрита од Косово го најави како да е сеалбански меч, зашто во најавата фигурираат знамињата на Косово и на Албанија. Македонија не е спомената ни со збор, ни со знаме или каков и да е симбол, иако Шкендија е македонски првак и игра во Европа преку пласманот што го изборила во Првата македонска лига.

Објавата започна лавина критики во медиуми и во јавноста, затоа што многумина го доживеаја ова однесување како иритантно и благо речено нефер кон сопствената земја и заедница.

Зошто Шкендија демонстрира толку непочитување кон земјата од која потекнува, во чиешто првенство игра, каде што ги постигнува успесите? Тетовскиот клуб е со доминантно албанска навивачка база, играчки и друг кадар, но сепак е фудбалски првак на Македонија, својата спортска афирмација и несомнени успеси ги остварува преку македонската лига, што им овозможува и излез во Европа и поголема и сосема заслужена афирмација на меѓународен план.

Шкендија немаше да е таму каде што е, немаше да игра во европска лига да не беше национален првак на Македонија. Сакала-нејќела, Шкендија е македонски клуб, колектив со кој најмногу се идентификуваат Албанците во нашава земја, но клуб што потекнува и кој настапува во нашава земја.

Успесите на Шкендија на домашен и на меѓународен план се сто отсто заслужени со спортски квалитет, но тетовскиот клуб нема никаква причина за горчина и за игнорирање на сопствената земја кога најавува меѓународен меч. Со ова однесување клубот од Тетово предизвикува непотребни тензии, а апсолутно ништо не добива.

Со несомнените спортски успеси што ги бележи сезонава на меѓународното фудбалско поле, овој клуб во голема мера ги зголеми интересот и симпатиите на целата фудбалска и спортска јавност во Македонија, независно од етничката припадност.

Тетовскиот клуб отсекогаш ја имал поддршката на своите верни фанови, стабилна навивачка база. Но сезонава бевме сведоци на една ситуација што е веројатно уникатна, во секој случај ретка за нашава средина. Шкендија ги освојуваше симпатиите и го зголемуваше бројот на поддржувачи од сите етникуми во земјава, покрај албанскиот.

Шкендија стана фактор на кохезија кај луѓето што го следат фудбалот во земјава, без разлика дали се Албанци, Македонци или нешто трето. Навистина е пријатно и охрабрувачки да се следи ваквиот тренд. Овој кохезивен тренд е редок феномен кај фудбалските фанови во Македонија, кои меѓу другото, како што знаеме, се поделени и на етничка основа. Тренд за поздравување, за оптимизам, за надеж дека сите заедно можеме и подобро.

И сега одеднаш дојде оваа, според нас, несреќна објава во која се игнорира Македонија. Што е најлошо, објавата е директно од клубот, а не од навивачка група или слично. Зошто? Непотребен потег со кој клубот си ја сече гранката на која седи.

Да не заборавиме, успешните настапи на Шкендија во Европа сезонава го креваат рејтингот и на македонскиот клупски фудбал во целина, покрај тоа што влијаат врз афирмацијата на клубот. Идеална ситуација за сите, за клубот, за нашиот фудбал, за фановите… Тој поволен факт, засенет со една за поголемиот дел на нашата јавност навредлива објава.

Негативниот ефект е очигледен. Судејќи според реакциите на социјалните медиуми, кои се некаков индикатор на јавното мислење, повторно поделбите се продлабочуваат. Од една страна честитки и „браво наши“, од друга страна критики и огорченост. Како што сме навикнати. За жал.

Фудбалската федерација на Македонија не се огласила, по лавината јавни реакции, а би требало да се слушне и гласот на највисокото фудбалско тело во земјава кога веќе овој настан направи таков негативен ефект. Дали според актите на ФФМ Шкендија направила некаков прекршок? Како и да е, треба да се дознае и ставот на ФФМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот