Фото: Слободен печат

Селективни апсења за ѓубрето само на неподобните кадри на ДУИ?

Законот за јавните претпријатија ја утврдува управувачката структура на јавните претпријатија, па имајќи го ова предвид, одговорноста за ваквата ситуација би требало да се истражува кај сите оние што имале законски задолженија во управувањето на јавното претпријатие – велат од Македонското здружение на млади правници.

Политичка дисквалификација пред вториот изборен круг и покажување сила кон кадрите блиски на ДУИ или лоцирање на вистинската одговорност за тоа што скопјани беа затрупани во ѓубре, а стаорци излегуваа од сите страни, се дилемите што се наметнаа откако полицијата, заедно со Јавното обвинителство, го уапси директорот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Сепак, меѓу осомничените не е претседателката на Управниот одбор (УО) на „Комунална хигиена“ Скопје, Јулијана Спировска, како и други членови на Управниот и на Надзорниот одбор (НО) на скопското јавно претпријатие, иако сите имаат некакви обврски поврзани со „Комунална хигиена“ и се одговорни за финансиското работење на фирмата.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која одбројува денови до крајот на мандатот, е таа што го постави директорот на „Комунална“ Сабахудин Рустеми, кој заедно со Аки Саити, раководител на секторот за управување со отпад во ова претпријатие, беа уапсени завчера.

Обвинителството бара притвор за двајцата поради опасноста од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, откако претходно ја обезбеди потребната документацијата за постапката за овој случај. Раководителот Саити објавувал фотографии со високиот функционер на ДУИ и поранешен министер Блерим Беџети.

Ќе се апсат и други ако има основа за тоа, ни рекоа од Обвинителството

 

На прашањето до Обвинителството – дали има можност за проширување на истрагата, со оглед на тоа што Управниот одбор ги има сите овластувања да презема мерки потребни за постигнување на целите на јавното претпријатие во согласност со законот, го донесува Статутот на јавното претпријатие, ја усвојува програмата за работа и развој на јавното претпријатие, ја утврдува деловната политика, ги усвојува тримесечниот извештај што содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие и слично, од Обвинителството велат дека врз основа на прибраниот материјал има сомнеж за кривична одговорност за овие лица, а доколку се утврдат сомненија и кај други лица, Обвинителството, велат оттаму, ќе постапува.

Рустеми и Саити се гонат за загрозување на животната средина и природата со отпад, според член 230 став 1 од Кривичниот законик, за што е предвиден затвор од една до десет години.

„Тој што со оставање, фрлање, собирање, со непрописно транспортирање една или повеќе поврзани пратки, со преработка или отстранување на отпадот, со создавање депонии спротивно на прописите за заштита на животната средина, пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и преработката, со непрописно управување со отпадот или на друг начин ќе предизвика или може да предизвика значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата или опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови растенија или животни, ќе се казни со затвор од една до десет години“, пишува во ставот 1 од член 230 во Кривичниот законик. 

Според Обвинителството, двајцата постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот.

– Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести – соопшти Обвинителството.

Приведени директорот на „Комунална хигиена Скопје“ и уште еден раководител

Овие сомненија биле утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина што излегоа на терен по насоки на Јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од Институтот за јавно здравје.

Одговорноста да се истражува кај сите, велат од Здружението на млади правници

 

Од Македонското здружение на млади правници за „Слободен печат“ објаснуваат дека одговорноста треба да се истражува кај сите што имале законски задолженија во управувањето со јавното претпријатие.

– Законот за комуналните дејности и Законот за управување со отпад утврдуваат надлежност на општините во однос на управување со комуналниот отпад, поради што за територијата на градот Скопје е формирано ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје за да се изврши токму оваа надлежност на општините. Од друга страна, Законот за јавните претпријатија ја утврдува управувачката структура на јавните претпријатија, па имајќи го ова предвид, одговорноста за ваквата ситуација би требало да се истражува кај сите оние што имале законски задолженија во управувањето на јавното претпријатие – велат од Македонското здружение на млади правници.

Сепак, оттаму не прецизираат точно дали одговорноста ја лоцираат и кај Управниот и кај Надзорниот одбор на претпријатието, со оглед на тоа што сите од нив може да имаат одговорност и да придонеле за состојбата, а има информации и за лошото финансиско работење на претпријатието.

– Со оглед на тоа што ние како здружение немаме пристап до документацијата што ја обезбедило Јавното обвинителство за овој случај, а во јавноста излегуваат различни информации за тоа кој и на кој начин ја извршувал својата обврска во управувањето на јавното претпријатие, би било многу тешко однапред да се утврди точната одговорност кај определено лице или орган. Веруваме дека истрагата на Обвинителството ќе го даде одговорот токму на ова прашање и сите што со своето постапување, односно непостапување придонеле кон создавањето на овој проблем, ќе бидат соодветно санкционирани за во иднина вакво нешто да не се повтори – додаваат оттаму.

Приведени директорот на „Комунална хигиена Скопје“ и уште еден раководител

Арсовска: Претседателката на Управниот одбор Јулијана Спировска нема да ја апсат

Војната меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката во заминување Арсовска трае од почетокот на нејзиниот мандат. Таа по последните апсења, обвини дека власта сее страв пред вториот круг од локалните избори в недела.

– Претседателката на Управниот одбор Јулијана Спировска нема да ја апсат, бидејќи има албум со сликички со сите функционери на ВМРО. Јулијана, која ја управува „Комунална хигиена“ Скопје, е осуден криминалец во 2022 година, со казна затвор за убиство и осуден криминалец во 2006 година за нанесување тешки телесни повреди. Јулијана во КХС ги командува другите членови на УО од ВМРО и од Влен, кои се поставени од Советот на Град Скопје од ВМРО и Влен. Јулијана три години опструира (набавка на) нови камиони, инвестициска програма, вработени што пет години ги чистат улиците, а не можат да земат решение за работа поради нејзините сопартијци од ВМРО и од Влен во Советот. И сега директоров им е крив што не можел да набави 35 нови камиони, бидејќи тоа Јулијана го одложила за да ги набави Орце – обвини Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот