Зијадин Села, Али Ахмети Фото: Фејсбук Европски фронт

Села го мерка местото на Ахмети во албанската опозиција?

Откако лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, му сврте грб на лидерот на ДУИ, постоењето на коалицијата Национална алијанса за интеграција се доведува во прашање

Големи се шансите лидерот на ДУИ Али Ахмети да стави печат на постоењето на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), особено откако лидерот на дел од Алијанса за Албанците Зијадин Села му сврте грб. И тоа уште пред да го дочека финалето на повторените избори во четири општини, закажани за 11 јануари. Во ДУИ расте притисокот партијата да продолжи да дејствува самостојно по партискиот конгрес во декември и повторените избори во јануари, брифираат партиски функционери. Фијаското на локалните избори на албанскиот опозициски блок навестува големи потреси и промени во коалицијата и во партиите. За владејачката Вреди, неминовен е распадот на НАИ, додека дел партии од опозициската коалиција сè уште играат на картата дека соработката со Ахмети ќе продолжи.

Според извори на „Слободен печат“, излегувањето на Села од НАИ предизвика турбуленции не само во коалицијата, туку и во самата Алијанса. Партиски се деактивира Кренар Лога, еден од најблиските соработници на Села, кој сопствениот потег го образложи како „тежок, но зрел чекор“.

Кренар Лога / Фото: Фејсбук

„По подолг период на анализа, одлучив да се повлечам од партискиот живот и од сите функции што досега сум ги извршувал во Алијансата за Албанците. Ова не е лесна одлука за мене. Имав чест да запознаам верни и неуморни соработници, како и такви што не го издржаа долгиот и предизвикувачки пат. Во изминатите десет години имав можност да запознаам посветени луѓе и пријатели. Заедно поминавме низ битки што оставија трага во нас…Ќе продолжам да бидам меѓу вас, но отсега во еден послободен и независен пат – како солист“, објави Лога на Фејсбук.

Според информациите, Лога не бил согласен со одлуките и со политиките како АА да продолжи понатаму. За да не се продлабочат несогласувањата, особено со лидерот Села, со кого, приватно, се и роднини, поранешниот министер за правда се повлекол од партијата. Лога и Села не се согласиле и за одлуката АА да ја напушти НАИ при недовршени избори.
Во Гостивар и во Врапчиште, на повторените избори повторно ќе се тркаат кандидатите на АА, предводена од Арбен Таравари. Излегувањето на Села од НАИ се толкува како удар врз НАИ. Разидување имало и за обидите за спојување на двете Алијанси, кое барем засега е невозможно поради суетите на Села и на Таравари. По излегувањето на Села од НАИ, неизвесно е дали кандидатите на Таравари за двете општини може да сметаат на поддршка од крилото на Села.
Од друга страна, потегот на Села предизвика револт во ДУИ, иако тој изјави дека за одлуката го информирал Ахмети.

 

АА ќе дејствува самостојно, одлучи партиското раководство

По одлуката на Централното претседателство на партијата, беше соопштено дека АА ќе дејствува самостојно, а нејзините пратеници во Собранието ќе функционираат како независна пратеничка група. Ова, пак, отвора дилема дали кон АА ќе се приклучи пратеник од опозицијата, бидејќи во моментов Села има четири пратеника, а за пратеничка група му требаат најмалку пет.

Зијадин Села претседател на алијанса на Албанците / фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

– По суштински и многу важни дискусии, членовите на Претседателството едногласно донесоа одлука за автономно дејствување на Алијанса за Албанците – соопшти партијата.

Села испорача три услови за влез во Владата на Мицкоски

Од АА посочија дека НАИ на изборите извојувала победа на национално ниво според бројот на освоени гласови и советнички места, но дека исходот во градоначалничките трки бил крајно неповолен, а за поразот го обвини „моќниот државен инженеринг“ и координирани интеракции меѓу албанските партии на власт и македонските политички субјекти, со цел реализација на „платформата на ВМРО-ДПМНЕ за дефакторизација на Албанците“.
Од АА најавија дека ќе продолжат да комуницираат со албанските опозициски субјекти.

– Националната кауза, рамноправноста на Албанците и Уставот, како и санирањето на штетите направени од актуелната Влада, остануваат наша примарна политичка определба – соопшти АА.

Од АА, предводена од Таравари, пак, велат дека и пред и по повторените избори не гледаат причина да излезат од НАИ. Од друга страна, според функционери на ДУИ, потегот на Села го засилува притисокот кај „интегративците“ дека НАИ треба да се расформира. Коментарите се дека Села, благодарение на Европскиот фронт (коалиција предводена од ДУИ со која заеднички настапија на парламентарните избори), АА добила четири пратеника, додека на локалните избори, иако Ахмети на Села му отстапила три градоначалнички кандидатури во битни општини – Струга, Дебар и Арачиново – Алијанса не освоила ниту едно градоначалничко мести и дека по изборното фијаско, решил да ја напушти НАИ.

ДУИ претседателство Форо: Фејсбук ДУИ

Според дел функционери од ДУИ, најдобро ќе биде по конгресот на партијата, кој се планира кон крајот на декември, „интегративците“ да продолжат самостојно. На конгресот се очекува партијата и кадровски и програмски да се реформира. Веќе објавивме дека Ахмети ќе нема противкандидат и дека очекувањата се да го смени речиси целото највисоко раководство. Тоа ќе значи смена на генералниот и на организацискиот секретар Фатон Ахмети и Блерим Беџети. Од четирите потпретседатели, можно е позицијата да ја зачува само Арбана Пашоли, а од функциите да заминат Бујар Османи, Бајрам Реџепи и Арбр Адеми. Според нашите соговорници, функционерите што претрпеа пораз на локалните избори, но и тие од владата на Димитар Ковачевски кои владееле со ароганција, треба да прифатат одговорност – дека потфрлиле и да се повлечат од истурени партиски позиции. Додаваат дека партијата треба да рефлектира кон пораката што на изборите ја добија од граѓаните, а таа е дека и кадровски и програмски треба да се реформираат.

Ахмети ќе ги менува сите, освен, се разбира – себе!

– Треба добро да се преиспитаме каде згрешивме, што бараат гласачите од нас. Ние згрешивме и потфрливме, не граѓаните. Треба да излеземе со нова понуда, а не само да се занимаваме со етнички прашања. Важно е партијата да даде шанса на нови кадри и да се отвори и кон граѓанските организации, интелектуалците и кон младите. Ако има искрена намера политички да се реформираме, ДУИ има големи шанси да се врати на голема врата на политичката сцена – вели еден од соговорниците.

 

Дали се прави место за влез на АА во Владата?

Повлекувањето на Села од НАИ го отвора прашањето дали тој прави место на АА за влез во Владата на премиерот Христијан Мицкоски. Еден ден пред излегувањето од НАИ, Села во телевизиско интервју ги посочи и трите услови под кои АА би можела да почне преговори за влез во Владата. Тој рече дека нема да седне да разговара за влез во владината коалиција, доколку таа претходно не прифати уставни измени за откочување на евроинтегративниот процес, потоа замена на терминот „20 проценти“ со терминот „албански јазик“ во Уставот и во некои закони и Уставниот суд да носи одлуки со т.н. Бадентерово мнозинство.

Христијан Мицкоски / Фото: Телма / скриншот

Мицкоски, пак, во интервју за ТВ Телма рече дека воопшто не ги слушнал условите кои Села ги поставил за да стане дел од владејачкото мнозинство. Сепак, од одговорот на Мицкоски, кој рече дека во принцип не функционира под ултиматуми и условувања, премиерот веројатно ги слушнал условите на Села и му порача дека „го згрешил човекот“.

– Во принцип не, не работам под ултиматуми или условувања. Никогаш во животот не работам така, и тоа е погрешен пристап да се комуницира со мене. Мислам, ако некој мисли дека со ултиматуми или услови ќе ме омекне или привлече, тоа е најпогрешниот пат што го одбрал – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот