„Сеќавање за трагачот по убавината“ во чест на фотографот Љупчо Илиевски

Во објектот „Мала Станица“ при Националната галерија поставена е изложбата „Сеќавање за трагачот по убавината“ како омаж во чест на фотографот Љупчо Илиевски.

Изложбата се реализира во рамки на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје со поддршка од Универзитетот за туризам и менаџмент. На омажот се изложени триесетина фотографии, избор од богатото творештво на Илиевски, а куратор на изложбата е фотографот Александар Кондев.

Свое обраќање на отворањето на изложбата имаа кураторот Александар Кондев, новинарот, рецензент и сценарист Гоце Ристовски, како и Диме Ратајкоски, уредник во МТВ.

– Љупчо Илиевски беше светлописец од четвртата генерација македонски фотографи кој ќе ѝ недостасува на фелата, и не само нејзе, туку и на публиката, затоа што беше вешт автор кој знаеше на светот да му ги прикаже македонските убавини. Тој умееше да создаде своја сопствена реалност, умееше да остави „дупка во Универзумот“ (Стив Џобс) и да создаде уметничко дело кое ќе остане врежано во нашите срца. Илиевски беше фотограф со душа, небаре дете – подготвено да игра, да ја истражува убавината и да ја преуреди реалноста како што нему му одговара. А неговата фотографска душа имаше истражувачка природа, секогаш љубопитна, со порив на особен начин да го истражи и види светот низ објективот – меѓу другото, рече Диме Ратајкоски во сеќавање на Љупчо Илиевски.

Љупчо Илиевски (1955-2022) спаѓа во редот на најистакнатите македонски фотографи. Припадник е на средната генерација фотографи, кој негува специфичен уметнички стил и силен авторски печат. Засега е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени во српското издание на престижното специјализирано списание за фотографија „National Geographic“.

Роден е во Прилеп. Со фотографија се занимаваше од 1980 година, а од 1987 беше вработен во ЈП МРТ, како камерман-снимател. За себе велеше дека не фотографира, туку дека пишува и документира со светлината. Негуваше посебен интерес за театарската фотографија, која во себе носи креативна драматичност и игра на сенки. Обземеноста од лустерот од Офицерскиот дом во Скопје траеше цели 11 години, а по многу собрани податоци и истражувања, проектот беше заокружен со мултимедијална изложба. Приказната за мегалитската опсерваторија Кокино, раскажана преку записот на Илиевски, резултираше со изложба која предизвика подеднаков восхит и кај публиката и кај критиката.

„Кокино“ на Љупчо Илиевски

Љупчо Илиевски беше автор на преку 10 самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Беше присутен на повеќе филмски фестивали, а неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема „Теракотни икони“ и „Кокино“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот