Седум амбасадори останаа без работа, Сиљановска Давкова ги отповика
Претседателката Сиљановска Давкова потпиша укази за отповикување на седум амбасадори. Станува збор за вонредни и ополномоштени амбасадори во пет земји и две организации.
Препорачано
Меѓу отповиканите е амбасадорот во НАТО, Дане Талески, кој според одлуката ќе остане амбасадор до 15 јануари 2025, додека на останатите шестмина мандатот ќе им заврши на 30 ноември годинава.
Од 1 декември престанува мандатот на Теута Агаи Демјаха, која е шефица на постојната мисија на Македонија во Организацијата на обединетите нации во Женева.
Меѓу останатите отповикани амбасадори е и Данчо Марковски во Албанија. Тој изминатиот период беше повикан на разговор од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во однос на активностите на македонската дипломатија во врска со пописот на населението што беше спроведен во Албанија.
Укази за отповикување има и за амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова, потоа Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и Шабан Јашари кој е амбасадор во Катар со седиште во Доха.
Во указите не се наведени причините зошто се отповикуваат овие амбасадори.


