Џонатан Липницки - Фото: Јурјуб/Принтскрин

ВИДЕО | Се сеќавате на момчето од филмот „Џери Мегваер“? Улогата ја добило благодарение на Том Круз

Џонатан Липницки, кого многумина го паметат како Реј Бојд во филмот „Џери Мегваер“, неодамна откри дека токму Том Круз му помогнал да ја добие улогата што го прослави во 1996 година. Во емисијата „Pod Meets World“, 35-годишниот актер раскажа дека за малку ќе ја изгубел улогата што му ја одбележа кариерата.

„Бев на аудиција за ‘Џери Мегваер’ и не ја добив улогата. Избраа друго момче. Снимаа со него две недели и не сакаа повторно да ме видат кога правеа промени во актерската екипа, затоа што веќе бев на листата на деца што ги виделе. Но, ме забележа еден соработник, а не директорот на кастингот. Тогаш имав агент, прекрасен човек кој беше шеф на одделот за детски таленти во агенцијата. Тој им рече: ‘Немојте да гледате друго дете. Го ставам мојот углед во индустријата на коцка. Реј Бојд седи во мојата канцеларија. Ве молам, дојдете да го видите’“, се присети Липницки.

Потоа, како што раскажува, го видел директорот на кастингот, кој му рекол дека треба да отпатува во Аризона за да ги запознае Том Круз и режисерот Камерон Кроу.

„Отидов во Аризона, каде што снимаа дел од сцените. Читав текст пред Том и Камерон. Моите родители беа со мене. Во сцената со Том имавме навистина добра хемија, а тој рече: ‘Знаеш, мислам дека одлуката е јасна. Ќе му ја препуштам на Камерон.’ И тоа беше тоа“, раскажа актерот.

Џонатан Липницки – Фото: Јурјуб/Принтскрин

Липницки откри и колку неговите родители биле возбудени поради можноста да оди на аудиција за улогата.

„Мајка ми секогаш беше многу внимателна, но и двајцата беа пресреќни поради целата идеја, аудиција со човекот што глумеше во ‘Топ Ган’. И јас бев пресреќен“, додаде тој.

Џонатан Липницки – Фото: Јурјуб/Принтскрин

Кога конечно ја добил улогата, како што вели, животот на неговото семејство целосно се променил.

„Мислам дека сите бевме воодушевени. Одеднаш, летаме за Аризона. Татко ми ме однесе на аудицијата и ѝ рече на мајка ми: ‘Ронда, што правиш подоцна?’ Таа одговори: ‘Не знам, перам алишта.’ А тој ѝ рече: ‘Или, летаме за Аризона да го запознаеме Том Круз’“, се потсети актерот.

Џонатан Липницки – Фото: Јурјуб/Принтскрин

Подоцна, Липницки ја продолжи кариерата со филмот „Стјуарт Литл“ од 1999 година, во кој негови филмски родители беа Џина Дејвис и Хју Лори.

Во ексклузивно интервју за магазинот „Пипл“ минатата година, Липницки отворено зборуваше за својата кариера и за посериозните улоги.

„Ми се случија навистина убави работи кога бев помлад. Сосема е во ред да кажам дека не сум таму каде што сакам да бидам професионално. Но ова е она што сакам да го работам до крајот на животот“, порача тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот