ВИДЕО | Се појави снимка што ја потресе Нигерија – што се случувало со киднапираните девојчиња?

Во Нигерија е ослободена група од 24 ученички киднапирани од интернат во државата Кеби пред повеќе од една недела, потврди претседателот на државата. Во јавноста се појави и снимка што прикажува вооружени мажи со киднапираните девојчиња, а нејзината автентичност е потврдена, пренесува Би-Би-Си.

Детали од објавената снимка

На снимката, чија автентичност е потврдена со споредба на девојчињата со фотографиите што властите ги објавија по нивното ослободување, маскираните киднапери тврдат дека девојчињата биле пуштени на слобода како резултат на преговори со владата, пренесуваат локалните медиуми.

Киднаперите исто така наведуваат дека воени авиони често надлетувале над областа каде што ги држеле девојчињата заробени.

Нејасни околности на ослободувањето

Да потсетиме, вооружени напаѓачи влегоа во училиште во нигериската држава Кеби на 17 ноември, при што убија двајца членови на персоналот и киднапираа 25 ученички, од кои една успеа да побегне недолго по нападот.

Иако околностите околу ослободувањето на преостанатите 24 девојчиња остануваат нејасни, гувернерот на државата Насир Идрис вчера изјави пред новинарите дека откупнина не била платена.

Бран киднапирања во Нигерија

Овој случај е само еден од повеќето што минатата недела ја погодија најнаселената африканска држава.

Минатиот петок од католичкото училиште „Сент Мери’с“ во државата Нигер беа киднапирани повеќе од 250 деца, кои сè уште се водат како исчезнати, а овој настан се опишува како една од најтешките масовни киднапирања во историјата на земјата.

Сепак, некои функционери тврдат дека бројот на исчезнати деца е преценет.

Гувернерот на државата Нигер, Умар Баго, изјави за Би-Би-Си дека 11 ученици биле пронајдени и спасени, и изрази сомнеж во податоците на Христијанската асоцијација на Нигерија (CAN) за 300 киднапирани лица.

„Треба да го направат нивниот регистар достапен за властите“, порача тој.

И полицискиот комесар го доведе во прашање бројот што го изнесе CAN.

Од друга страна, челникот на CAN во државата Нигер, бискупот Булус Дауwa Јохана, ја критикуваше реакцијата на владата, велејќи дека не се вложува „никаков смислен напор“ за спасување на преостанатите исчезнати.

Одговорот на властите

Нигерискиот претседател Бола Тинубу ги пофали безбедносните сили за нивниот „брз одговор“ на киднапирањето во државата Кеби и најави распоредување дополнителен персонал во „ранливите области за да се спречат понатамошни инциденти на киднапирања“.

Поради кризата, тој го откажа и патувањето на самитот Г20. Во објава на социјалната мрежа Х нареди на воздухопловните сили да „одржуваат континуиран надзор над најоддалечените области, синхронизирајќи ги операциите со копнените единици за ефикасно идентификување, изолирање, нарушување и неутрализирање на сите непријателски елементи“.

Проблем кој трае со години

Киднапирањата за откуп, кои ги спроведуваат криминални банди локално познати како бандити, станаа огромен безбедносен проблем во Нигерија.

Од 2014 година и злогласното киднапирање на 276 девојчиња во Чибок, од нигериските училишта се киднапирани повеќе од 1.500 деца.

Специјалниот пратеник на ОН за образование и поранешен британски премиер Гордон Браун ја повика меѓународната заедница да „направи сè што е во наша моќ“ за да ги поддржи напорите за враќање на киднапираните деца.

„Исто така, наша должност е да обезбедиме нигериските училишта да бидат безбедни места за учење, а не места од каде што децата може да се киднапираат од нивните училници заради криминална добивка“, додаде Браун.

Иако поранешниот американски претседател Доналд Трамп претходно ги обвинуваше нигериските власти дека не ги штитат христијаните од напади, владата ги нарече овие тврдења „грубо искривување на реалноста“.

Потврдено е дека ученичките киднапирани во државата Кеби се муслиманки, а еден функционер изјави дека „терористите ги напаѓаат сите кои ја отфрлаат нивната убиствена идеологија – муслимани, христијани и оние без вера подеднакво“.

Организациите што го следат насилството истакнуваат дека мнозинството од жртвите на џихадистичките групи се муслимани, со оглед на тоа што нападите претежно се случуваат во претежно муслиманскиот север на земјата.

Повеќе од 200 ученици и наставници киднапирани од католичко училиште во централна Нигерија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот