Се одложи стартот на судењето за полицајците обвинети за кочанската трагедија – одбраната бара спојување со големиот предмет
Се одложи првото рочиште од судењето за 13-те полицајци кои трагичната вечер биле во „Пулс“ или биле началници во СВР Кочани и ОВР Штип. Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска го одложи судењето бидејќи еден од адвокатите на 11 март побарал одложување бидејќи имал притворски предмет во Кочани.
Препорачано
Тој испратил своја замена, но само за да се договори динамиката на судењето. Во меѓувреме, во судот вчера и денеска стигнале еден куп докази од адвокатите од речиси сите обвинети. Сите ја поднеле листата на докази вчера или денеска, па ниту судот, ниту јавното обвинителство немале можност да се запознаат.
Меѓу едно од барањата беше и барање за одложување на судењето со кое се бара спојување на овој предмет со големиот предмет што се води за Кочани против 35 обвинети со образложение дека постапувањето на обвинителството било скандалозно и дека за истата трагедија обвинителството има различни теории на случај. Обвинителката што ги презеде предметите, Спасенка Андонова, не го коментираше ова барање бидејќи ѝ требало време да го разгледа, но уверува дека иако сега ги презеде трите предмети за полицајците, нема да има застој во судењата.

-Застои во поглед на постапувањето по сите предмети нема да има, без оглед на тоа кој се јавува како застапник на обвинението, затоа што станува збор за јавнообвинителски предмети кои се проследени до надлежниот суд. Судот е тој што понатаму ќе ја определува динамиката на постапувањето, изјави обвинителката Андонова.
Андонова потврди дека имала време да се запознае со материјалите од сите три предмети поврзани со случајот, кои ѝ беа пренесени од обвинителката Ивана Трајчева, на која не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, појаснувајќи дека преземањето на предметите секогаш подразбира краток временски период за подготовка.
– Тоа е вообичаена пракса, се врши предавање на предметите, следи нивно разгледување и присуство на главната расправа – изјави таа.



Во судницата беа присутни и роднини на обвинетите, но и родители на загинатите.
Oбвинети се Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
Предметот се однесува на 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.


