Се истражува видео за канибализам од страна на војници во Мали
Вооружените сили на Мали наредија истрага за видео снимка на која се гледа како маж во воена униформа на Мали сече труп пред други војници, се вели во соопштението на началникот на армијата, опишувајќи ја снимката како „ретко злосторство“ слично на канибализам, објави Ројтерс.
Препорачано
Висок претставник на војската додаде дека канибализмот е против воените вредности на западноафриканската нација.
Групите за човекови права и Обединетите нации постојано ги обвинуваат малиските војници за сериозни злоупотреби, вклучително и егзекуции и тортура, против цивили осомничени за соработка со џихадистички групи кои водат бунт во Сахел од 2012 година. Армијата постојано негира дека сторила нешто лошо.
Шокантното видео беше широко споделено на Икс во вторникот, но подоцна беше отстрането поради кршење на правилата на платформата.
На видеото се гледа како маж облечен во воена униформа и ознаки на Вооружените сили на Мали (ФАМА) со мачета го сече стомакот на мртов човек.
Зборувајќи на локалниот малиски јазик, мажот вели дека ќе го изеде црниот дроб на жртвата, а група мажи во воени униформи се смеат додека го сече трупот.
Ројтерс не ја потврди автентичноста на видеото, кое предизвика бес и згрозеност кај корисниците на социјалните мрежи пред да биде симната.
Армијата на Мали се обидува да се справи со џихадистичките групи, некои поврзани со Ал Каеда и Исламската држава, кои се вкоренија во пустите северни региони пред повеќе од една деценија и оттогаш се проширија во соседните и крајбрежните земји.
Стотици илјади се убиени, а милиони насилно се раселени бидејќи милитантите зазедоа значителна територија, а армиите поддржани од странци им се спротивставија.
Неуспехот на властите да ја вратат безбедноста доведе до два воени удари во Мали, два во соседна Буркина Фасо и еден во Нигер од 2020 година.
Хунтите во сите три земји ги прекинаа врските со традиционалните западни сојузници и се обратија кон Русија за воена поддршка.


