Се чистат дивите депонии во еко акцијата „Недела на пролетта“ во Битола

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Чистење на диви депонии кај германските гробишта и месноста Кркардаш, уредување на Градскиот парк и замена на клупи и канти за отпадоци низ Широк Сокак, се само дел од пролетните активности на јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во рамките на „Неделата на пролетта“ што се спроведува во Битола.

Во еколошката акција за почиста животна средина координирана од Општината Битола, активно се вклучени и јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“.

– Акцијата ја започнавме со чистење на диви депонии кај германските гробишта и во пресрет на празникот Младенци или „Свети 40 маченици“, го уредуваме пристапот до месноста Кркардаш каде што и се наоѓа црквата. Денес продолживме со замена на оштетените клупи и канти за отпадоци низ Широк сокак, како и со уредување во Градскиот парк. Утре ќе бидат засадени садници во новиот парк. Овие активности се одвиваат паралелно со тековните за чистење и хортикултурно уредување на повеќе локации, а Општината продолжува со реализација на други инфраструктурни проекти, кои исто така вклучуваат меѓусебна соработка и ангажираност на сите јавни претпријатија-изјави Горан Степановски, директор на ЈП „Комуналец“ Битола и ги повикува сите граѓани, приватни фирми, општествено одговорни компании, политичките партии и сите заинтересирани да се ангажираат за почиста Битола.

Од Општина Битола велат дека преку акцијата „Недела на пролетта“ целта им е кај граѓаните повеќе да ја разбудат совеста во делот на одржувањето на чистотата и животната средина.

– Проект што ќе биде многу значаен за битолчани е уредувањето на потегот од Тумбе кафе до Смолево. Многупати презентирана и промовирана активност, но, никако не го видела светлото на денот. Изработена е и проектната документација во соработка и партнерство со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, бидејќи тоа ќе се реализира во партнерство со нив, односно половина од средствата се обезбедени од Бирото за рамномерен регионален развој. На тој потег, секојдневно се движат илјадници битолчани и време беше еднаш тоа да го уредиме-изјави Борче Димитровски, секретар на Општина Битола и најави реализација на повеќе капитални проекти што локалната самоуправа ќе ги реализира оваа градежна сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот